Ученици од прилепските основни училишта дел од проектот „Фудбалски зимски радости“

Во организација на Фудбалската федерација на Македонија и Федерацијата на училишен спорт, во ООУ „Добре Јованоски“ се организираат два еднодневни настана за учениците од второ и трето, односно четврто и петто одделение од основните училишта од Прилеп.

 

Координаторот на проектот „Фудбалски зимски радости“, Здравко Ристески, вели дека проектот бил реализиран во првото полугодие од учебната 2018/2019 година и истиот претставува продолжение на проектот кој бил спроведуван мината учебна година.

 

„Целта на овој проект е подобрување на целиот психофизички развој на учениците од нашата општина. Проектот го работиме со Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија и со поддршка на локалната самоуправа и градоначалникот Илија Јованоски“, изјави Ристески.

 

Членот на општинскиот Совет, Кире Тинтоски нагласи дека како град на спортот од кој произлегле многу врвни фудбалери, децата и младите, како и идните спортисти кои ќе произлезат од Прилеп, секогаш ќе ја имаат финансиската и логистичката поддршка од градоначалникот и Советот на општина Прилеп.

 

„Сакам искрено да ги поздравам сите спортски работници и децата кои беспрекорно работат и да им порачам дека Општина Прилеп и во иднина ќе ги поддржува овие спортски настани, со цел нивниот развој да биде во најдобар ред, да излезат нови спортисти од градот и со нивните успеси сите да се гордееме“, истакна Тинтоски.

 

Проектот „Фудбалски зимски радости“ се имплементира во 21 општина во Република Македонија и во него учество ќе земат околу 2.800 деца од 80 основни училишта од нашата држава.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи