Прилепчани ќе плаќаат повисоки сметки за вода за 60-тина %, Општина Прилеп ќе ја субвенционира сметката за околу 500 социјално ранливи семејства

Прилепчани ќе плаќаат повисоки сметки за вода за околу 60-тина %. На денешната 24-та седница Советот на Општина Прилеп донесе одлука Пречистителната станица да му биде доделена на управување и стопанисување на ЈКП „Водовод и канализација“, што беше еден од условите да се стартува со повисоките сметки за вода. Сметката се состои од 3 компоненти. Цената на водата е 26.22 денари, цената на отпадните води или канализацијата е 5.28 денари, а цената на новата услуга која се воведува пречистување на урбани отпадни води е 17.35 денари. Значи вкупно еден метар кубен вода граѓаните ќе го плаќаат 48,85 денари. Воведувањето на цената за оваа нова услуга е дел од договорот од 2008 година кога се обезбедиле средства за изградба на станицата. Исто така советот на денешната седница донесе одлука на околу 500 семејства од социјално ранливите категории локалната самоуправа месечно да им ги субвенционира трошоците за 5 метри кубни вода, за што од општинскиот буџет ќе бидат издвоени 1.5 милиони денари.

 

„Советот на општина Прилеп донесе Одлука за субвенционирање на месечни трошоци за вода на социјално ранливи категории на граѓани за 2019 година. Целна група се социјално ранливи категории кои се евидентирани во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Прилеп, како корисници на постојана парична помош. Ќе се субвенционираат 5 метри кубни потрошена вода во текот на еден месец, а листата на корисници секој месец од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи ќе ја презема Општина Прилеп, ќе ја доставува до ЈКП „Водовод и канализација“ кое на овие домаќинства ќе им ја намали месечната обврска на цената на чинење на вода за 5 метри кубни вода. Спрема сегашните процени, се работи за околу 500 домаќинства кои ќе бидат опфатени со оваа мерка, а за таа намена се предвидени 1,5 милиони денари од буџетот на Општина Прилеп“, изјави Миле Талевски, претседател на општинскиот Совет.

 

Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека оваа предложена мерка е само евтин популизам пред председателските избори.

 

„На денешната седница на Совет на Општина Прилеп се донесе додворувачка одлука за луѓето кои се наоѓаат на социјалните маргини за достоинствен живот. За да ја разберевме нивната искрена намера, ќе требаше да го прифатат предлогот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за целосно ослободување од сметката за вода а не само 5м3, сметка која од овој месец кај сите ќе стигне зголемена за 60% Математиката за гласови веќе ја сработиле и ни ја сервираат. Принципите на социјалдемократскиот сојуз се познати исто како и со радидифузнната такса.  На народот треба да му помогнеме, но народот не прави двапати иста грешка“, истакна Ирена Стерјовска Локвенец, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Истовремено, на денешната седница од плаќање партиципација за престој во градинка беа ослободени родителите на ромски деца на возраст од 3 до 6 години, беа усвоени Годишните извештаи за спроведување на Програмата за управување со отпад во општина Прилеп, како и Годишниот извештај за реализирани активности на ЈОУ Детски градинки „Наша иднина“ за 2018 година. Советниците ги усвоија и финансиските планови за 2019 година на основните училишта од општина Прилеп, меѓу кои и на музичкото училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“.

 

Она што исто така треба да се истакне, е Одлуката за исплата на 3 милиони денари од општинскиот буџет на сметката на ФК „Победа“, односно 1 милион денари на РК „Прилеп“.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи