ВИДЕО – Ташкоска : Со новата мерка ако се зголеми бројот на децата Роми во градинките, тогаш ќе се размислува за преадаптација на простори

На вчерашната 24-та седница на Советот на Општина Прилеп беше донесена одлука за ослободување од плаќање на партиципација за престој во градинките за родителите на ромските деца на возраст од 3 до 6 години.

 

 

Денеска на прес конференција на новинарско прашање со оглед на тоа дека во градинките во Прилеп нема воопшто место и се чека и по една година некое дете да се запише таму, дали воопшто е направена некоја анализа дали ваквата мерка ќе предизвика зголемување на барањата на ромските деца за нивно сместување во градинка и како ќе се задоволи сето тоа, советничката Елена Ташкоска рече дека за тоа ќе се размислувало тогаш ако дојде тоа,  во моментов на самиот почеток ќе се утврдувало како ќе профункционира оваа мерка.

 

„Инклузивноста е процес кој што течи. Тоа е под покровителство на Министерството за труд и социјална политика и досега имаше мерка со која беа опфатени деца од ромската етничка националност. Разликата е во тоа што досега учествуваа со одреден дел партиципација. Оваа мерка која ние вчера ја изгласавме на Совет на Општина Прилеп е целосно ослободување од партиципација на тие деца, значи на заинтересираните деца од ромска етничка заедница. Јас не верувам дека на секој заинтересиран родител кој ќе покаже интерес неговото дете да биде вклучено во предучилишна институција, дека нема да му се излезе во пресрет.

 

Ќе се изнајдат начини, впрочем вие ги следите седниците на Совет, знаете дека се донесоа измени во деталниот урбанистички план, веќе е вклопена во детален урбанистички план нова детска градинка во населбата Точила. Почнат е процес за идејно решение, така да во иднина мислам дека сериозно се зафаќаме со решавање на овој проблем.

 

Ако се зголеми бројот на децата, секогаш постојат алтернативни можности, значи адаптација на одредени простори. За тоа ќе размислуваме, во моментов на самиот почеток да видиме како ќе профункционира оваа мерка, меѓутоа постојат и алтернативни можности, за да се излези во пресрет на сите заинтересирани деца“, истакна Ташкоска.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien