ВИДЕО – АНКЕТА : Прилепчани револтрирани поради огромното зголемување на сметката за вода

Од наредниот месец прилепчани ќе плаќаат повисоки сметки за вода за 60% или за 17,35 денари плус по метар кубен поради работата на пречиститечната станица. Од вчера со пречистителната станица стопанисува ЈКП „Водовод и канализација“. Граѓаните се свесни дека мора да се одржува станицата, но според нив покачувањето од 60% било енормно високо, особено кога пред изборите се ветуваше намалување на водата за 20%.

 

 

Срамота е ова, знаете колку се 60%. Да се поткачи 5% во ред, ами 60% со кои пари ќе плаќа народот. Срамота е. Нека се задума малку градоначалникот, тој можи има пари лекар е“, вели еден прилепчанец.

 

„Јас се согласувам да има некое покачување, ама 60%, па тоа сите граници ги поминува. Јас земам 9.500 денари пензија, еве другарчињата од власта ги замрзнаа. И сега ? А на вицепремиериите им ја зголемија платата за 8.000 денари, замислете за 8.000 денари, колку јас што земам пензија ете толку“, кажа друг прилепчанец.

 

„Кај ќе ги најдам толку пари со 10.000 денари пензија. Зошто тие не се замислат колку пари земаат“, вели друг прилепчанец.

 

„Мислам дека е премногу ако е точен тој процент кој го кажувате. Знаев дека ќе се покачи водата ама не толку. Да не зборувам за мене, ама за пензионери кои имаат минимални пензии, тоа ќе биде тешко“, истакна друг прилепчанец.

 

„Мене ми се чини дека тоа е премногу. Пречистителната станица треба да биде самостална и јас сум за тоа, ама 60% е премногу. Прилепчани неможе да издржат плус уште еден ваков товар“, вели еден прилепчанец.

 

„Сега народов треба да застане пред Општина, како што се собираат во Скопје и за помали работи, пример за воздухот и слично, народот да застане онде треба и да се збуни малку. Ама нема кој да го поведи, да речи чекај што правите дај да се собериме“, кажа друг прилепчанец.

 

Сметката се состои од 3 компоненти. Цената на водата е 26.22 денари, цената на отпадните води или канализацијата е 5.28 денари, а цената на новата услуга која се воведува пречистување на урбани отпадни води е 17.35 денари. Значи вкупно еден метар кубен вода граѓаните ќе го плаќаат 48,85 денари. Воведувањето на цената за оваа нова услуга е дел од договорот од 2008 година кога се обезбедиле средства за изградба на станицата.

 

Инаку цената на водата за разлика од минатото сега ја утврдува Регулаторната комисија.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи