ВИДЕО – Јанески : Цената на водата не поскапува, туку се воведува нова услуга

Граѓаните се манипулираат, цената на водата не поскапува, туку се воведува нова услуга пречистување на урбани и отпадни води. Ова денеска на прес конференција го истакна директорот на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп, Емил Јанески, кој нагласи дека пречистителната станица е проект на претходната власт кој започнал во 2008 година, кога бил склучен четири партитниот договор на кој потписници биле тогашниот директор на ЈКП „Водовод и Канализција“ Методија Томески и тогашниот градоначалник Марјан Ристески.

 

 

„Невозможно е во исто време, кога се фалите со европски проект, проект вреден 23 милиони евра, во кој што вие при потпишувањето сте предвиделе дека ВиК Прилеп од сопствени средства, поконкретно преку наплата на тарифа на прочистување на урбани и отпадни води ќе ги обезбеди неопходните средства потребни за секојдневно фукнционирање и одржување на станицата, да критикувате зошто ќе има дополнителна тарифа. Дополнително, повеќе пати кажав, во 2006 година тогашното мнозинство во парламентот, кое што го имаше ВМРО-ДПМНЕ, го изгласа Законот за утврдување на цени на водните услуги, односно надлежноста за утврдување на цените на водните услуги ја даде на регулаторна комисија. Согласно решението на регулаторна комисија, просечната цена на услугата пречистување на урбани отпадни води за 2018 година е 19.85 денари, за 2019 е 20.65 денари, а 2020 21.44 денари. Максималната цена до која што можеше да одат градските власти за овие 3 години беше околу 26-27 денари. ЈКП излезе со предлог до управниот одбор, кој што е второстепена власт во давателот на услугата ВиК Прилеп, со цена за сите 3 години од 17.35 денари. Тој предлог беше доставен до градоначалникот, градоначалникот го достави до Општина Прилеп и тоа беше изгласано. Тоа значи повеќе од 3-4 денари пониска цена од просечната, или повеќе од 10 денари пониска цена од максималната“, истакна Јанески.

 

Според Јанески некоректно било во континуитет да се зборува за зголемување на цената на водата, која според него не била зголемена, а притоа да се заборавало дека станува збор за ставка прочистување на урбани и отпадни води за проект за кој што ВМРО-ДПМНЕ се фалело дека тие го донесле. Некоректно било исто така да се критикува Законот за утврдување на цени на водни услуги и начинот на кој што се формира цената, а парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ истиот закон да го донеси во 2006 година.

 

„Во интерес на граѓаните повторувам, цената на водата не поскапува. Со функционирањето на пречистителната станица, согласно законската регулатива во РМ, се утврди цена за сосема нова, засебна услуга, пречистување на урбани и отпадни води. Притоа морам да кажам, регулаторна комисија се водеше од податоците кои ги исцрпи од физибилити студијата направена во 2008 година. Врз основа на на тие податоци ги предвиде трошоците за функционирање на пречистителната станица, го одреди приходот кој што треба да биде вкалкулиран за да ги покрие трошоците и на тој начин ја утврди просечната тарифа. Таа е методологијата по која што регулаторна комисија ги утврдува цените“, додаде Јанески.

 

Инаку сметката за вода се состои од 3 компоненти. Цената на водата е 26.22 денари, цената на отпадните води или канализацијата е 5.28 денари, а цената на новата услуга која се воведува пречистување на урбани отпадни води е 17.35 денари. Значи вкупно еден метар кубен вода граѓаните ќе го плаќаат 48,85 денари.

 

Со воведувањето на новата услуга од наредниот месец прилепчани ќе плаќаат повисоки сметки за вода за 60%. Граѓаните се свесни дека мора да се одржува станицата, но според нив покачувањето од 60% било енормно високо, особено кога пред изборите СДСМ ветуваше намалување на водата за 20%.

 

„Срамота е ова, знаете колку се 60%. Да се поткачи 5% во ред, ами 60% со кои пари ќе плаќа народот. Срамота е. Нека се задума малку градоначалникот, тој можи има пари лекар е“, вели еден прилепчанец.

 

„Јас се согласувам да има некое покачување, ама 60%, па тоа сите граници ги поминува. Јас земам 9.500 денари пензија, еве другарчињата од власта ги замрзнаа. И сега ? А на вицепремиериите им ја зголемија платата за 8.000 денари, замислете за 8.000 денари, колку јас што земам пензија ете толку“, кажа друг прилепчанец.

 

„Кај ќе ги најдам толку пари со 10.000 денари пензија. Зошто тие не се замислат колку пари земаат“, вели друг прилепчанец.

 

„Мислам дека е премногу ако е точен тој процент кој го кажувате. Знаев дека ќе се покачи водата ама не толку. Да не зборувам за мене, ама за пензионери кои имаат минимални пензии, тоа ќе биде тешко“, истакна друг прилепчанец.

 

„Мене ми се чини дека тоа е премногу. Пречистителната станица треба да биде самостална и јас сум за тоа, ама 60% е премногу. Прилепчани неможе да издржат плус уште еден ваков товар“, вели еден прилепчанец.

 

„Сега народов треба да застане пред Општина, како што се собираат во Скопје и за помали работи, пример за воздухот и слично, народот да застане онде треба и да се збуни малку. Ама нема кој да го поведи, да речи чекај што правите дај да се собериме“, кажа друг прилепчанец.

 

Граѓаните најголемиот проблем го гледаат во тоа што со години наназад трошоците за живот секојдневно се зголемуваат, а додека нивните примања како плати и пензии остануваат скоро исти. Токму затоа трендот на масовно иселување од Македонија продолжува со засилено темпо. Граѓаните велат дека неможат повеќе да живеат со овие примања. Давачките кои ги имаат во Македонија се исти како и во Европа, а платите биле како во Африка. Не гледаат воопшто надеж дека воопшто нешто ќе се смени, ниту пак веруваат повеќе во празните партиски ветувања кои ги слушаат скоро 3 децении.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien