Општина Прилеп потпиша меморандум за соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип

Универзитетот „Гоце Делчев“ и Општина Прилеп денес потпишаа меѓусебен меморандум за соработка кој опфаќа повеќе нивоа. Меморандумот ги опфаќа економската, социјалната, образовната, културната сфера, со цел подобар живот на граѓаните. Во иднина проблемите и на општина Прилеп и на УГД ќе се решаваат со заеднички сили.

 

Градоначалникот на Прилеп Илија Јовановски истакна дека ова е значајна соработка за градот Прилеп.

 

„Градот е особено благодарен на ректорот на УГД и на Универзитетот затоа што на нивно барање и со нивна заложба пред некое време во градот Прилеп се постави мерна станица за квалитет на воздухот. Ова ми е особено драго затоа што од овој момент ќе знаеме дали воздухот во Прилеп е загаден и колку е загаден. Прилеп беше еден од градовите кој што немаше мерна станица за амбиенталниот воздух, а благодарение на оваа соработка сега станицата е поставена“, изјави Јовановски.

 

Ректорот на УГД д-р Блажо Боев истакна дека универзитетот е константно вклучен во мерењето и контролата на квалитетот на воздухот низ многу градови на државата.

 

„Прилеп е многу важна општина во перцепциите на Универзитетот и неговиот развој. Овој чекор е своевидно искажување на нашата општествена одговорност кон сите општини во државата кои имаат потреба од знаење и зголемување на стандардот на живеење на граѓаните и поголема информираност на граѓаните. Ние во Прилеп имаме наставен центар во Прилеп и таму има неколку образовни програми кои се наоѓаат таму. Меморандумот вклучува соработка во науката, истражувањето, образованието, културата и во сферата на она што значи информираност на граѓаните“, изјави Боев.

 

Универзитетот во наставниот центар во Прилеп има насоки од Факултетот за природни и технички науки, Земјоделскиот факултет и Технолошко – техничкиот факултет.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien