ВИДЕО – Прилепчаните Стојкоски и Мирческа ќе учествуваат на најпрестижната трка во светот во планинско трчање околу Мон Блан

Александар Стојкоски и Мери Мирческа се двајца прилепчани кои веќе 3 години се занимаваат со планинско трчање и за овој краток период имаат постигнато голем број успеси како на домашна сцена, така и на меѓународен план. Најновиот нивни успех доаѓа од пред неколку дена кога што го освоија првото место на Чупино Винтер Вертикал, тоа е планинска трка која што се одржа на планината Пљачковица. За 2019 година имаат повеќе абмициозни планови, а околу овие планови ќе поразговараме токму во ова интервју.

 

 

Александар, еден од поголемите планови што ги имаш за 2019 година е планинската трка околу Мон Блан ?

 

Главна цел за оваа година заедно со Мери ни е трката околу Мон Блан, UTMB. Оваа година ќе ја трчам трката од 100 километри CCC, која што тргнува од Кормаер во Италија, а завршува на Шамоние. Истата трка има 100 километри и 6.000 метри висинско искачување. Во мојава трка има околу 3.000 натпреварувачи, навистина конкуренцијата е прејака и може да се каже дека е една од најпрестижните и најјаки трки во светот. За оваа година имам таргетирано и време кое што би целел, некаде околу 13.5 часа.

 

Кога ќе се одржи таа трка?

 

Таа трка се одржува последната недела од август. Значи цела недела има трки, сите трки се одвиваат во текот на таа последна недела од месец август.

 

Дали досега имаш истрчано 100 километри ?

 

Да, имам истрчано на Крали Марко во 2017 година и победив на таа трка. Ја поминав за 14 часа и 15 минути.

 

 

 

ТРКАТА ОКОЛУ МОН БЛАН ЈА СМЕТААТ ЗА НЕОФИЦИЈАЛНО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ПЛАНИНСКОТО ТРЧАЊЕ

 

 

Оваа трка околу Мон Блан ја сметаат за неофицијално светско првенство во планинското трчање. Како што кажа навистина трката е голема, долга 100 километри, дали до месец август ќе имаш некои специјални тренинзи?

 

Ние цело време се подготвуваме, цело време сме во редовни подготовки, но за оваа трка треба да имам подолги тренинзи. Имам некои планови што со Мери ќе ги реализираме за подолги тренинзи, ќе одиме во мај на тренинзи на Чеплес, имаме и некои други соло потфати што ги планирам, па ќе направам и дополнителни тренинзи во делот истражување на тие потфати.

 

 

 

 

Мери ти планираш да истрчаш 170 километри ?

 

171 километар со околу 10.000 метри деливелација, искачување. Трката ќе започне од Шамоние од Франција, се трча околу регионот на Алпите, значи не го искачуваме Мон Блан, највисоко до кај 3.000 метри надморска висина, меѓутоа најголем дел од трката се одвива од 1.000 до 2.500 метри, каде што изобилува со свеж кислород. На Мон Блан е многу повисоко и таму не е можно да се трча.

 

За колку часа планираш да ги истрчаш тие 170 километри?

 

Околу 31 час и 20 минути планирам да завршам. Значи трката почнува од Франција, се оди во Италија, па во Швајцарија и пак се завршува во Франција. Оваа УТМБ на која што јас ќе учествувам е најпрестижната трка во светот. Има пеколна конкуренција, па некаде да бидам во топ 30 би била многу среќна.

 

 

 

 

 

МИРЧЕСКА ПРЕТХОДНО ИМА ИСТРЧАНО 160 КМ НА ПИРИН, БУГАРИЈА

 

 

170 километри се навистина многу, дали досега имаш истрчано?

 

Претходно имам еднаш истрчано 160 километри на Пирин, лично мислам дека Пирин е потешка од Мон Блан, но не можам да тврдам додека не ја истрчам и таа, бидејќи на Пирин трчав 160 километри со 11.000 денивелација и теренот беше некаде тотално див, а на Мон Блан си има патчиња кои се добро трасирани, беспрекорно. По трката ќе можам повеќе да коментирам за Мон Блан, а за Пирин можам да кажам дека беше нешто слично и на преживување, бидејќи пунктовите ни беа оддалечени некаде и по 30 километри, со 2.000 метри висинско искачување. Некои од тркачите дури по 10 и повеќе часа поминаа од еден до друг пункт додека да стасаат, многу мачна трка.

 

 

АЛЕКСАНДАР ПЛАНИРА ДА БИДЕ ПРВИОТ МАКЕДОНЕЦ КОЈ ЌЕ ЈА ИСТРЧА ЗАПАДНАТА ТРАНСФЕРЗАЛА ОД ШАР ПЛАНИНА ДО ОХРИД, 200 КМ, ЗА ПОМЛАКУ ОД 48 ЧАСА

 

 

Александар ти имаш уште еден многу интересен потфат, а тоа е трчањето на западната трансферзала во Македонија, од Шар Планина до Охрид ?

 

За оваа година планирам да направам 2 соло потфати, навистина големи. Едното е целиот масив Мокра, значи Караџица, Даутица и Јакупица, сите врвови над 2.000 метри. Исто како што го направив минатата година на Баба, планирам оваа година да го направам таму и го планирам некаде крајот на септември-октомври да ја направам западната трансферзала, за време под 48 часа.

 

Колку километри се тоа?

 

Таа е некаде околу 200 километри, со 9-10.000 метри висинско искачување. Значи во текот на летово треба да ги поминам сите тие делови, за да видам точно да го испитам теренот.

 

 

Дали со тоа би бил првиот Македонец што би го направил тоа?

 

Тоа е најпрестижна планинарска патека, за секој планинар е најголем предизвик да ја помине таа трансферзала, но јас ќе се обидам да ја истрчам во два дена.

 

Во тие 2 дена, има ли одмор, спиење?

 

Според првите пресметки, може да планирам да преспијам околу 3-4 часа.

 

Освен овој потфат, кои се твоите идни планови за 2019?

 

Идните планови за 2019 се да бидам тука во Македонија, значи на македонскиве трки, а може да појдам некаде и во регионот, Грција или Бугарија за едно до две трки на 40 километри. Нормално треба да се чувам за Мон Блан, значи тоа е тактика, нема форсирање на некои долги трки со тренинзи. Главна цел е Мон Блан и западната трансферзала.

 

 

МИРЧЕСКА ЌЕ БИДЕ ГЛАВНАТА ЛОГИСТИКА НА СТОЈКОСКИ ПРИ ТРЧАЊЕТО НА СОЛУНСКА ГЛАВА И ПРОЕКТОТ СОЛУНСКА ГЛАВА

 

 

Освен на Мон Блан, Мери ќе биде и на трчањето на оваа западна трансферзала. Мери во кој дел ти учествуваш заедно со Александар?

 

Значи напрво, и западната трансферзала и трансферзалата на Солунска или проектот Солунска, треба да се простудираат, да се поминат детално претхоно. Ние во месец мај околу 1 недела ќе престојуваме на Чеплес за да ја проучиме Солунска глава, цел тој планински регион Мокра планина. Дневно би трчале по 40 до 60 километри, значи прво мора добро да се простудира пред да донесеме конечен план за изведбата на овој проект. Јас нема да го истрчам овој проект со него, само ќе му бидам логистика, бидејќи без претходна добра подготовка и логистика не е можно да се изврши сето ова, бидејќи планинарите ги поминуваат овие трансферзали со денови. Западната трансферзала 8 до 12 дена, а Александар сака де се обиде да ја истрча за 2 дена. Логистиката е исто така дел од него, не можи без добра логистика да се оствари ништо, никогаш, ниту еден поамбициозен план.

 

Логистиката се покажа колку е значајна лани во проектот Баба 2К, кога за 19 часа Александар истрча 23 врвови ?

 

Исто така се покажа многу експресна и екседитивна логистиката кога снемаа вода Александар и неговите сотркачи, Антонио и Александар. Јас истрчав до најблиската река за да им наполнам вода. На пример тие 15-20 минути ништо не можи да им ги замени, ние не планиравме дека ќе снема од резервите на вода. Ако не појдев со трчање да наполнам вода до реката и да им ја донесам, ќе пропаднеше проектот. Мора да имаме беспрекорна меѓусебна соработка, да се надополнуваме и ад-хок некогаш се случува сред трка, сред проект нешто непредвидено да се случи и мора да има тука некој што ќе ја реши таа проблематика.

 

 

 

Само двајцата ќе бидете во овие проекти?

 

Товарот ќе падни на нас, но ќе побараме помош од други личности, без кои исто така нема да можи да се оствари овој проект.

 

Мери, Александар кажа дека силата ќе ја чува за Мон Блан и овие два проекти во Македонија. Кои се твоите планови за 2019?

 

Моите планови почнаа од лани, кога најголем план ми беше Пирин и таму победив, прва моја 160-ка. Целата моја енергија сега ќе ја вложам во Мон Блан. Се чувствувам малку поискусна со претходната трка од Пирин, ќе ги согледам моите грешки, имав доста грешки направено, бидејќи ми беше прв пат. Трка би ја нарекла до 100-120 километри, ама после тоа влегуваш во друга димензија, испаѓа повеќе како преживување отколку трка. И јас имам истрчано трка од 110 километри со брзо темпо за 15 часа, ама после тие 110-120 километри телото подруго се чувствува, и психички и физички си многу истоштен. Буквално во друга димензија навлегуваш.

 

Која мисла те води за да стигнеш до целта кога ќе ги поминеш тие 120 километри, што ти дава најголем мотив да издржиш? Дали ти доаѓаат мисли како не можам повеќе?

 

На секој му доаѓаат мисли дека не можи повеќе, дека ти е многу тешко, дека е крај, но нешто длабоко во тебе да води да ја довршиш таа трка, едноставно јас ја довршив бидејќи имав цел да ја довршам. Имав кризи, не јадев еден период, не пиев, дехидрирав, многу ми се слоши, но успеав да го надминам сето тоа и тоа ме направи позрела за во мојата следна трка УТМБ.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien