МВР: Апсолутна лага е дека исчезнатите луѓе се поврзани со трговија на органи

Откако на социјалните мрежи почнаа да се шират статуси во кои се пишува дека на дел од исчезнатите лица при пронаоѓањето им недостасувале органи, односно дека можеби се работи за трговија со органи, со соопштение се јави МВР и ги демантира шпекулациите велејќи дека се работи за измислици и лаги, бидејќи случаите со исчезнатите луѓе не се поврзани со трговија со органи.

 

„Целосно ги демантираме лагите и измислиците што неодговорни поединци ги шират по социјалните мрежи со цел да предизвикаат паника кај граѓаните. МВР ја гарантира безбедноста на граѓаните! Апсолутна лага е дека имало некакво вадење на органи или некакви слични дезинформации. Апелираме до медиумите и јавноста да се повикуваат на официјалните податоци на институциите и да се воздржат од шпекулации што можат да ја вознемират јавноста. Статистичките податоци покажуваат дека не постои тренд на пораст во исчезнувањата, и дека во континуитет во последниве пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94 отсто. Апелираме уште еднаш за воздржување од шпекулации кои неосновано ја вознемируваат јавноста. За оние пак кои со очигледна намера ја вознемируваат јавноста, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законите“, се вели во соопштението на МВР.

 

Инаку во Македонија моментално за исчезнати се водат 64 лица. Најстариот отворен случај за исчезнато лице е оној за Веле Дојчиновски, роден 5 март 1960 година во с.Тресонче, а кому му се губи траг во арил 1992 година. Последниот пак запишан на овој список e 65-годишниот скопјанец Абдул Алибен, за кого веќе 20 дена не се знае ништо.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien