ВИДЕО – Ѓорѓиевска и Јованоски првите прилепчани на Аконкагва : Беше навистина тешко, но успеавме, на врвот потекоа и солзи

Маријана Ѓорѓиевска и Владимир Јованоски станаа првите прилепчани кои се искачија на највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва во Аргентина, висок 6.962 метри. Експедицијата траела 27 дена, од кои 18 денови поминале на планина во шатори. Врвот го искачиле за 9 часа и 20 минути. Аконкагва е вториот по височина сумит во светот. Тие се едни од 20-тината Македонци кои го искачиле врвот, а Ѓорѓиевска е 4-тата жена од нашата држава.

 

 

„За прв пат во животот кога јас сум се искачила на некој врв ми потекоа солзи, имавме некое чудно чувство. Претходно сум била и на Елбрус, Мон Блан, Полукс, можеби тоа не се некои врвови за кои познатите планинари сметаат дека се нешто посебно, но за мене сето тоа беше едно ново искуство. Ова што го доживеав на Аконкагва, досега не сум го доживеала, така што можам да кажам дека чувството не се опишува со зборови“, истакна Ѓорѓиевска.

 

Владимир Јованоски истакна дека станувало збор за доста сурова планина, каде температурните разлики помеѓу денот и ноќта биле и по 40-тина степени. Кон врвот тргнале во 2.00 часот утрината, а стигнале околу 11.30. Таму се задржале час и половина. Имаче среќа бидејчи толку добро време за да се остане 90-тина минути на врвот имало само 10-тина дена во текот на сезоната за качување на Аконкагва која започнувала во декември, а завршувала во март.

 

„Последниот  ден ни беше на 15 февруари, со тргнување во 2 часот наутро, со ниска температура од некаде минус 25 степени и со доста тивко време. Го чекавме цело време сонцето да изгрее за малку топлина да видиме, но таа топлина ја видовме некаде дури пред врвот кога стасавме, некаде кај 11 часот и 40 минути. Таму доста касно изгрева сонцето, а заоѓа доста касно, некаде вечерта кај 10 часот. Кога стапнав на врвот сето беше како во сон, сето како успани, уморни, стапнуваш на врв, немаш кислород, едноставно сето во главата ти е како да спиеш, пола време чекаш да се прилагодиш на таа висина, да земеш воздух, да се видиш каде си, а кога ќе видиш каде си тоа е веќе друго“, раскажува Јованоски.

 

Јованоски признава дека искачувањето сепак било тешко, имало дури и поголеми моменти на криза, кога во прашање се доведувало и само искачување на врвот. Но со огромната желба за негово искачување се надминале и тие проблеми.

 

„Периодот на 6.300-6.400 метри надморска висина дојде до двоумењето дали да продолжам, дали да се враќам надолу. Снемав кислород, почна многу да ми се спие и едноставно почна во главата да ми се мели, да ми се врти, си реков каде сум јас, што правам со ова, но со кратка пауза, со конзумирање на вода, бидејќи водата е таму кислород и со конзумирање на некои благи работи си дојдов при себе. Помислата дека ме чека некој, дека сум дојден за некоја цел, да се искачам горе за некого, продолжив“, вели Јованоски.

 

Освен нив во експедицијата имало и други Македонци. Сите се искачиле на врвот. Ѓорѓиевска вели дека и покрај тешкотиите пред се ова за нив било одлично искуство кое ќе им биде значајно во идните искачувања на врвовите.

 

„Ние бевме група приклучена преку српско планинарско друштво. Бевме тројца Македонци, но за среќа тој период имавме уште двајца Македонци кои индивидуално беа на искачување на овој врв, значи бевме вкупно пет Македонци, од кои сите петмина го искачивме врвот. Не се опишув  со зборови тоа чувство, треба само да се доживее. Мислам дека вреди човек да оддели еден месец од својот живот и определен приход за да ја доживее енергијата која ја има барем во базниот камп. Таму буквално имаме едно глобално село, односно цел град, кој што е составен од луѓе од сите делови на земјината топка“, вели Ѓорѓиевска.

 

Ѓорѓиевска и Јованоски се пионери во високорското планинарење во Прилеп. Пред 8 месеци тие се искачија на највисокиот врв во Европа, Елбрус, а сега на Аконкагва. Се уште немале одлучено кој сумит илии кој нареден врв ќе биде нивната идна цел.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien