Предлог-закон за Централен регистар на население

Владата го утврди текстот на Предлог – законот за централен регистар на население, со цел да се утврди унифициран и единствен начин на водење на поединечните бази на податоци, врз основа на утврдени стандарди и процедури.

 

Како што информира владината прес-служба, овие стандарди и процедури кои ќе го допрецизираат принципот на унифицираност при електронска размена и интеграција на податоци, како и принципот на единственост, ќе обезбедат основи за доследна имплементација на принципот на доверливост, со што ќе се зајакнат механизмите за заштита на личните податоци на населението.

 

Регистарот ќе се прави со вкрстување податоци од различни институции, за потоа тој да биде појдовна основа за сите институции да ги користат податоците и да даваат електронски услуги.

 

Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, секој граѓанин ќе добие сопствен електронски идентитет преку соодветна картичка или на некој друг начин што дополнително ќе се утврдува.

 

„Регистарот на населението е основа и за порталот за е-услуги, каде што граѓаните ќе може најголем дел од услугите што секојдневно им се потребни да може да ги добие по електронски пат. Ова претставува платформа за креирање електронски идентитет на граѓаните и постојано ќе се надградува со податоци од други институции. Регистарот на населението има цел да ги донесе услугите до граѓаните на поедноставен начин да се добиваат сите потребни документи, што ќе придонесе до подобрување на квалитетот на животот“, истакна министерот Манчевски.

 

Беше потврдено дека ова нема да преставува замена за попис и дека пописот на населението во земјава е планиран за април следната година.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien