15 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски

Facebook
Twitter
Email
Print

Денеска се одбележуваат 15 години од трагичната смрт на македонскиот претседател Борис Трајковски, кој животот го загуби во авионска несреќа близу Мостар, Босна и Херцеговина. По тој повод беше положено венец свежо цвеќе на Алејата на великаните.

 

Претседателот Иванов во своето обраќање на одбележувањето на 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски, истакна дека храброста и истрајноста станаа скапа и ретка работа.

 

„Борис Трајковски се појави во време кога веќе се сметаше дека не е важно дали некој политички лидер е морален или не сè додека добро ја извршува работата. Принципите, достоинството, визијата, доблеста, вистинитоста беа ставени на маргините на македонската политичка култура, а храброста и истрајноста станаа ретка и скапа работа“, рече претседателот Иванов.

 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вели дека претседателот Борис Трајковски во тешката 2001 година бил еден од столбовите за зачувување на земјата таква каква што е денес, со сочувана традиција на толеранција и меѓусебно почитување, како и блиска со НАТО и ЕУ.

 

Борис Трајковски е роден во Струмица во 1956 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во 1980 година. Специјализирал деловно право и право на работни односи.

 

За претседател на Република Македонија беше инаугуриран на 15 декември 1999 година, наследувајќи го Киро Глигоров. Како претседател беше посветен на демократски идеали и на евроатланската ориентација на Република Македонија, а значаен е неговиот придонес во надминување на воената криза од 2001 година.

 

„Ние мора да создадеме општество засновано од индивидуалци, не од колективни групи и граѓани, не од етнички групи. Мојата визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократија, а истовремено да се дозволува цветање на криминалот и корупцијата“, говореше Трајковски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи