Бејли заминува, доаѓа амбасадорката Бурнс

„Благодарам Северна Македонија за вашето гостопримство, пријателство и љубезност. До следно видување – се гледаме!”. Вака американскиот амбасадор Џес Бејли се заблагодари на својот Твитер профил, пред да ја напушти својата должност.

 

Џес Бејли беше потврден како амбасадор на САД во Македонија, од страна на Сенатот, во декември 2014. Во земјава тој пристигна од Анкара каде што беше вршител на должноста амбасадор. Бејли во јануари годинава објави дека го напушта Скопје на почетокот од март, а потоа и ќе се пензионира од работата во Стејт департментот по 34 години работен стаж.

 

Наследник на Бејли е Кејт Мари Бурнс, која доаѓа од позиција заменик-амбасадорка во Американската амбасада во Атина. Во нејзината номинација се наведува дека е дипломат од кариера, ветеран со 24 годишен стаж.

 

Бурнс има магистерска од Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон. Зборува шпански, унгарски и турски јазик. Досега работела како советник за односи со јавност во Амбасадата на САД во Мадрид- Шпанија, виш цивилен претставник на Стејт департментот во оперативната група Бастон/Бронко на аеродромот Џалалабад – Авганистан, советник за односи со јавност во Мисијата на САД во НАТО, а била и заменик шеф на мисијата и заменик постојан претставник во мисијата на САД во седиштето на ОБСЕ во Виена.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien