ВИДЕО – Фото Кино Клубот „Прилеп“ вечерва ја одржа својата 6-та клупска изложба на уметнички фотографии

Во домот за култура „Марко Цепенков“ вечерва во Прилеп се одржа 6-тата по ред традиционалната клупска изложба на уметнички фотографии на Фото кино клубот Прилеп, која што се организира во чест на фотографот Јордан Зазоски – Зазо. На изложбата беа поставени 61 фотографија од 52 автори. Фотографиите се изработении во текот на 2018 година.

 

 

„Целта на нашиот клуб е понатаму да ја развиваме љубовта кон фотографијата и кино уметноста. Љубовта кон фотографијата во нашиот град е изненадувачки на доста големо ниво и се надеваме дека овие млади автори и во иднина ќе го претставуваат Прилеп во најдобро можно светло. Во моментов учествуваме на голем број меѓународни изложби низ целиот свет, учествуваме на домашните изложби, а исто така учествуваме и на голем број фестивали во кино техниката. Морам да напоменам дека голем број наши членови, кои учеа во овој клуб сега се на факултетите за аудио визуелни уметности и се покажуваат како едни од подобрите студенти“, истакна Сашко Попоски, претседател на Фото кино клуб Прилеп.

 

Моментално клубот брои околу 130 членови од кои 70-тина се доста активни.

 

„Учествувам по втор пат на оваа изложба со 2 фотографии. Фотографијата ја гледам како уметност, исто така се занимавам и со филм. Но повеќе се фокусирам на фотографијата бидејќи сметам дека со една фотографија може да се кажат милион зборови и е многу потешка за работа“, рече Андреј Златаноски, член на фото кино клуб Прилеп.

 

„Моментално на изложбава немам фотографија бидејќи започнав со факултетот и неможев толку многу да се активирам. Но сум учествувала на претходните изложби и на претпоследната јас го добив називот втора класа фотограф. Според мене фотографијата е еден медиум преку кој можеме да го искажеме сето она што го чувствуваме и затоа таа многу ме привлекува. Исто така ме привлекува и филмот, всушност тоа и студирам“, истакна Анастасија Бошкоска, член на фото кино клуб Прилеп.

 

Од Фото кино клубот Прилеп истакнаа дека и во иднина ќе работат со уште поголем ентузијам на привлекување на нови членови за што е можно поголема поларизација на фотографијата и кино техниката.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien