Три години затвор за Мијалков за случајот „Титаник 2“

Поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков е осуден на три години затвор во случајот „Титаник 2“ за манипулации на локалните избори 2013 година.

 

За истиот предмет, затворска казна од 3 години и 2 месеца, за злоупотреба на службената положба и овластување, Судот му изрече на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, а поранешниот член на ДИК од редовите на таа партија, Бедредин Ибраими, според истото обвинение, доби казна затвор од 4 години и 6 месеци.

 

3 години затвор е пресудено и за поранешниот член на ДИК, Сашо Срцев, а исто толку ќе треба да одлежат и поранешните членови Анета Стефановска и Влатко Сајковски.

 

Според обвинението, од СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го искористил своето реално влијание и моќ и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.

 

„Ако одлучи Апелација, јас ќе ја одлежам казната“, изјави денеска по соопштувањето на пресудата за случајот „Титаник 2“ екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков.

 

Мијалков, кому судот му одреди и мерка притвор по изрекувањето на пресудата, уште нагласи дека „со бегање не се решаваат проблемите“ и дека бегањето не е „стил на моето живеење“. Покрај Мијалков, мерка притвор по пресудата му беше изречена и на поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими.

 

Судијата Огнен Ставрев при изрекувањето на пресудата нагласи дека „никој нема право да ја узурпира правната држава за интереси на поединци и групи”. Според судијата, обвинетите ги сториле кривичните дела со умисла, со што била нанесена е штета врз изборната волја на граѓаните на локалните избори во 2013 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.