Дали е среќен 8 март? – марш по повод Меѓународниот ден на жената

Facebook
Twitter
Email
Print

Маршираме за да покажеме дека трпението ни е на црвено, маршираме да покажеме дека веќе не толерираме празна реторика, не прифаќаме само декларативно залагање за родова еднаквост, беа дел од пораките кои беа упатени на третиот марш са права на жените и родова еднаквост кој се одржа под слоганот „Дали е среќен 8 Март?“.

 

Законот за прекин на бременоста, законот за спречување и заштита од дискриминација и законот за социјална заштита, се главните барања кои жените ги упатија до надлежните власти на денешниот марш.

 

„Државата и понатаму само декларативно се залага за родовата еднаквност и женските права. Оваа година бараме од локалната и извршната власт да покажат вистинска системска и финансиска заложба за унапредување на родовата еднаквост и женските права. Бараме женскиот глас не само да се слушне, туку да се стави во практика“, порача Снешка Илиќ од Платформата за родова еднаквост, која го организираше маршот и во која членуваат 22 невладини организации.

 

Маршот за правата на жените тргна од паркот „Жена борец“, па преку Центар до плоштадот „Филип II“. Притоа активистките за женски права гласно извикуваа „не сакаме рози, сакаме права“.

 

Инаку Осми март се одбележува во знак на сеќавање на демонстрациите на американските работнички во Чикаго од 1909 година кои марширале за право на глас, повисоки плати и скратено работно време.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи