ВИДЕО – Бојаци : После Прилеп битката продолжува за нов град, ќе ги имаме истите проблеми и притисоци, но не се предаваме

Вечерва во големата сала на домот за култура „Марко Цепенков“ се прикажа филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи. Значаен придонес за прикажувањето има Ивица Калап кој макотрпно се бореше и инсистираше веќе неколку месеци истиот да може да го види прилепската публика. Бојаџи истакна дека за прв пат бил во Прилеп на свои 15 години,  како статист на некоја претстава на „Војдан Чернодрински“. Од тогаш се до денес во градот под Марковите Кули доаѓа со истата возбуда.

 

 

„Го знам Прилеп, сум работел тука во театар, се дружам со прилепчани и приватно и навистина возбуден сум, имам трема како да е прво прикажување на филмот, иако веќе грабиме кон четворката во однос на тоа колку пати е филмот прикажан низ Европа и светот. Навистина сум пресреќен, драго ми е што ќе го покажеме филмот пред една специфична публика која е култивирана во однос тоа што е уметност, тука немам никакви дилеми. Тоа е едниот аспект, а другиот аспект е еден од настаните кој ние го обработуваме, а тоа е војната од 2001 година во Македонија, која во Прилеп има сериозна траума, една сериозна приказна која еве веќе 20-тина години после таа војна трае сеуште. Го разбирам сето тоа и со нетрпение чекам да видам како публика ќе реагира“, рече Бојаџи.

 

Токму војната во 2001 ги разбуди страстите кај политичарите кои се до денес не сакаат филмот да се прикажува во кино салите и прават се  истиот да не биде достапен на јавноста. Бојаџи вели дека тој и неговата продукција од самиот почеток на филмот се под страшен притисок.

 

„ Едвај успеваме од град во град да го прикажуваме филмот, мене не ми е јасно зошто го тераат овој инает, навистина не разбирам, иако сега мислам дека има една инерција на раководителите на центрите за култура и на државните театри во Македонија, кои се уплашени од тоа што не сакаат сами да носат одлуки и се плашат од некакво влијание, притисоци од политика, партии итн. Мислам дека го има тој момент, иако тој момент е јасен. Владата и министерот за култура и Агенцијата за филм од првата секунда беа против овој филм, и против мене, и против нас како автори, како творци и сеуште се. Затоа што притисокот нивни сега главно е префрлен кон нас како продукција, имаме неразбирливи инспекции, контроли, ревизии, иако по наредба на претседателот на владата на оваа држава, кој контролира се, имавме вонредна ревизија од министерот за култура и таа вонредна ревизија ни донесе едно огромно решение, еден китап, во кое кажува дека се е според законот и дека нема ненаменско трошење средства. Но тие и покрај тоа сеуште не ја исплаќаат продукцијата, а полека ќе стасаме до тоа ние да почнеме да заработуваме некои ситни пари и да почнеме да им враќаме назад. Значи сега во моментот ќе се случи една многу смешна ситуација, филмот не е исплатен од државата, која го нарачала овој филм, а ние веќе заработуваме и ќеплаќаме плати на директорот на Агенцијата за филм од овој филм, кој тие не го признаваат и не го исплаќаат. Дојдовме до такви апсурдни ситуации, но како тие се ставија самите во тие ситуации, ќе мора сами да си се вадат, јас не можам да им помогнам затоа што пропаднати се во една дупка со јавна нечистотија, а јас сакам да си се држам себеси чист“, додаде Бојаџи.

 

 

На прашањето каде ќе се прикажува „Ругање со Христос“ после Прилеп рече дека незнае, борбата продолжувала понатаму за освојување на нов град.

 

„Секогаш е таа битка од почеток. После едно прикажување во Скопје, маки, проблеми, молби, расправии, пријатели, луѓе, па се јавуваат луѓе од градовите како што беше Ивица Калап во Прилеп, дали може јас да помогнам, јас да направам. Сега публиката практично го движи филмот напред. После Битола, Прилеп. После Прилеп појма немам каде понатаму, затоа што сега пак почнува целиот притисок, целата приказна во друг град. Последно што имам да ви кажам, ми напишаа еден мејл од МКЦ од Скопје, тие управуваат со кината во Скопје, кои патем се приватни кина, не се државни кина, и ни понудија термин во 22:30 часот. Јас им напишав повратен мејл, ако има уште еден пример во државата, каде што македонски филм премиерно во главниот град се прикажал во 22:30, ние ќе го прикажуваме во 00:30 после полноќ, но да кажат барем еден пример. И нема одговор, јас им одговорив пред еден месец, еве помина месец и тие сега не одговараат. Пак почна таа нивна игра, веројатно се собираат во владата каде има 60-тина пи-ар вработени, па се мислат како да ми одговорат на еден мејл. Јас два пати им кажувам, „Ругање со Христос“ во моментов сум јас самиот, тие 60 луѓе се обидуваат да смислат одговор против мене, смешни ми се, секој ден уживам да гледам како се глупираат. Си се ругаат тие со себе си, затоа што колку е трауматична целата оваа ситуација, јас секогаш ги гледам смешни, за да не ги бомбардирам гледачите секогаш со проблеми, но секогаш почнува од почеток. Едвај сум успеал да реализирам проекција во Штип и застанува. Па ајде 2 месеци напори, почнуваш од почеток, пак луѓе, пријатели, врски, реклама, маркетинг, време енергија, знаење и бидна. Па ајде Прилеп, па сега цела дупка. Јас кажав, не знам во Македонија каде ќе се прикаже филмот следно, но знам дека ќе се прикаже на 24 мај во Дортмунд во Германија, знам каде ќе се прикаже во која дата во Америка, знам во Канада дека на 24 март, знам дека на 5 април јас и филмот ќе бидеме во Лос Анџелес во Америка, тоа знам. Знам за Чикаго, знам кога ќе бидеме во Малта, кога ќе бидеме во Шведска, во Малме и во Стокхолм, можам да ви кажам кога ќе бидеме во Швајцарија, веќе се организирани 3 престави, но во Македонија не можам да ви кажам“, истакна Бојаџи.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien