ВИДЕО – „Козјак Вертикал Километар“ – уште една атракција во планинското трчање во Прилеп

Александар Еленин, Антонио Каранфилоски, Мери Мирческа и Александар Стојкоскии се дечките од Прилеп кои неколку години се занимаваат со планинско трчање и имаат постигнато доста големи резултати како во Македонија така и во странство. Освен што се учесници на тие настани, тие се и организатори на дел од истите кои се случуваат кај нас. Еден од тие настани е и „Козјак Вертикал Километар“ кој треба да се случи на 14 април оваа година. Токму тоа беше поводот за нивното интервју за порталот Инфо Компас.

 

 

Александар, пред се како дојдовте до идеја за реализација на оваа трка, која како што можев да забележам на социјалните мрежи ќе биде и државно првенство ?

Еленин : Станува збор за кратка и интензивна трка во планинско трчање која што подразбира совладување на 1.000 метри надморска висина, во што пократко растојание. Конкретно нашата е 1.050 метри надморска висина со околу 3,7 км должина, што подразбира висок интензитет на успон во самата трка. Идејата за да ја организираме оваа трка ни дојде со цел да ја промовираме планината Бабуна, конкретно врвот Козјак како планинарска и тркачка дестинација кај нас. Со оглед дека двете страни на Козјак се опфатени преку „Krali Marko Trails“ трките, ние решивме да ја опфатииме југоисточната страна на планината. Стартот ќе биде во подножјето на Козјак, во близина на рудникот Топлица. Датумот е 14 април, почетокот 10 часот. Идејата беше на Александар, а решивме да организираме вертикал бидејќи во Македонија освен еден обид за традиционално одржување на вертикал на Церипашина планина над Тетово и Чупино вертикал кај Виница нема друг.

 

Значи од стартната позиција се до врвот Козјак има 1 км. висинска разлика, а целата траса е долга 3,7 км ?

 

Еленин : Да, висинската разлика помеѓу почетната и крајната точка на трката е 1 км. а должината на стазата кога ќе се трча е 3,7 км.

 

 

 

 

Антонио, за каква трка станува збор тука, дали стазата и тешка и по каков терен се трча ?

 

Каранфилоски : Најчесто тренинзите ги правиме на тој дел и од тука дојде и самата идеја за трката. Станува збор за агресивен, карпест терен, кој што е навистина захтевен, бара голема посветеност и тренинзи. Совладува голема висинска разлика во кратко должинско растојание.

 

Мери, вие заедно со Александар во февруари бевте дел од еден вертикал, Чупино вертикал, на планината Плачковица во Источна Македонија. Кога ќе го споредиме со овој вертикал, каква е трката ?

 

Мирческа : Таму теренот беше многу питом, а кај нас е доста агресивен, брутален, има многу карпи и камења. Ако има сонце тоа додатно ќе ја отежни трката, бидејќи многу е тешко да се трча таму на високи температури, но тркачите мора да бидат подготвени за секакви услови. Можеби ќе има и магла, можеби и доста ветер, но сето тоа е составен дел од Козјак затоа велиме дека е брутална трка.

 

Претходно Антонио спомена дека станува збор за доста тежок терен за трчање ?

 

Мирческа : Максимално екстремен, еден од најекстремните во Македонија, што ја отежнува додатно трката.

 

За колку се планира отприлика да се истрча таа дестинација ?

 

Мирческа : Јас мислам дека машкиот рекорд отприлика може да биде од 48 до 50 минути, а женскиот рекорд сигурно 20 минути после машкиот.

 

 

 

 

 

 

Александар, идејата за оваа трка е твоја, како ја доби ?

 

Стојкоски : Тука ние најчесто тренираме, теренот е вертикален, има голем успон, таа страна на Козјак има добри вертикали, ние како тркачи бараме такви стрмни терени и едноставно одлучивме во договор со дечкиве да направиме нешто за да и другите тркачи од Македонија го видат овој како што викаме брутален терен.

 

Колку учесници очекувате да има од Македонија ?

 

Стојкоски : Очекуваме како за почеток да има околу 50.

 

Дали ќе има од странство ?

 

Стојкоски : Во пријавите засега има од Косово, но ќе видиме до крајот што ќе се случува. Идејата за почеток ни е оваа трка да се претстави во Македонија, па како што кажа и Александар да стане традиционална и од година во година да расте.

 

Што можеш да ни кажеш повеќе околу оваа трка бидејќи сте и директор на истата ?

 

Стојкоски : Стазата е навистина тешка, доста технички и карпест терен, на ниво на Македонија е една од најтешките вертикали. Од самиот старт до самиот финиш има поглед на целата стаза, што кај други вертикали тоа го нема и ја прави истата поатрактивна.

 

 

 

 

Александар, ова е трета трка во планинско трчање која се организира во Прилеп. Тука е позната „Krali Marko Ultra Trails“ и уште е една трка која ја организирате вие како „Единак“, здружение за атлетски и планински спортови, а тоа е трката „Momata Rock Trail“. Дали и оваа година „Momata Rock Trail“ ќе се одржи во месец мај или има друг датум ?

 

Еленин : „Momata Rock Trail“ оваа година преминува во множина „Momata Rock Trails“. Следуваат некои организациски измени, пред се во терминот на одржување. Оваа година решивме да ја направиме есенска трка и да ја поврземе со државниот празник „11 Октомври“. Во оптек освен стандардната 20 километарска трка, пуштаме уште една 2 трки. Една 10 километарска која што е повеќе замислена како атрактивно искуство на карпата Момата и нејзиниот терен околу неа. И со неа би сакале да привлечеме повеќе како туристи така и ентузијасти кои освен планинарење сакаат поголема возбуда во природна средина како планинското трчање, а другата трка која ја воведуваме е со маратонска должина од 40 км. И таа ќе опфаќа 2/3 од прилепскиот дел на Селечка планина. Стартот ќе биде исто кај манастирот Свети Димитрија во село Селце. Само движењата по планината ќе бидат на различни страни за сите 3 трки.

 

До каде се подготовките за таа трка или се уште е рано ?

 

Еленин : Организациските и логистичките подготовки во поглед на идејата како ќе изгледа форматот на трките се завршени. Точно се дефинирани рутите по кои ќе се трча, измерени ни се рутите со 90% прецизност, останува делот во поглед на ангажирање на спонзорски поддршки, логистичка поддршка од ентузијасти кои би биле на контролните точки. Обично месец-два пред трката се интензивираат тие работи, но поголем дел од нив нас ни се завршени затоа што во последен момент решивме да биде есенска трка.

 

Мери, колку планинското трчање добива на популарност, не само Прилеп туку и во Македонија, а овие трки значат и голема промоција за Прилеп ?

 

Мирческа : Теренот во Прилеп е доста привлечен за планинските тркачи, значи првата трка во планинско трчање се одржа во Прилеп. Ние увидовме дека е потребно и да се зголеми бројот на трките во Прилеп бидејќи имаме прекрасни планини наоколу и многу ми е мило што Козјак Вертикал Километар ќе прерасне во државн првенство, прво во државата по вертикално трчање, кое ќе биде поддржано од Федерацијата за планински спортови на Македонија која што е член на „Skyranning Association“ на ниво на свет. И многу ми е мило тоа што планинското трчање завзема се поголем замав помеѓу возрасти и помлади и постари, на секоја трка бројот на учесници расте.

 

Александар, до кога е пријавувањето за оваа трка ?

 

Стојкоски : Пријавувањето е до 4 април, може и после тоа но без тој пакет кој им следува на натпреварувачите.

 

Каде може да се пријават оние кои сакаат да бидат дел од оваа трка ?

 

Стојкоски :

 

Може да се пријават на ФБ страницата.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien