ВИДЕО – Огромна заинтересираност за „Викенд на мртовци“ од „Чин 4 Сцена 5“, од 10 закажани продадени 4 претстави

Утре со почеток во 20 часот во големата сала на домот за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи премиерата на претставата „Викенд на мртовци“ од училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“. Претставата е работена по текстот на мајсторот на комедијата, Миле Поповски, а режијата е Саша Нацевски. Прилепчани досега покажаа огромна заинтересираност за оваа претстава досега освен премиерата продадени се и првата, третата и четвртата реприза. Карти се уште има за втората и другите репризи. Планирано е претставата да биде поставена  10 пати.

 

 

„Самата претстава, како што знаат повеќето прилепчани говори за тоа како живите од едно семејство се справуваат со смртта на еден нивни член, но тоа е преставено на еден сатиричен и ироничен начин, од кој што на крајот произлегува една доста комична претстава која што сигурен сум дека нема прилепчанец кој не ја знае. Токму и тоа нас од една страна ни беше предизвик, од друга страна ни беше голем терет, а тоа да се обидеме колку можеме повеќе да избегаме од она што е филм во режија на познатиот Коле Ангеловски, кој што сите го знаат, бидејќи има доста различни работи кои ги има во драмскиот текст, кој ние го зедовме, во однос на филмот, и тоа ни беше најголемиот предизвик и мислам дека успеавме да создадеме една своја претстава, која што публиката ќе ја гледа со свои очи, а не низ призмата на тој филм“, истакна Саша Нацевски, режиисер.

 

Претставата има хуманитарен карактер, собраните средства планирано е да  бидат донирани на 3 институции.

 

„Кога сме веќе кај помошта, претставата има хуманитарен карактер, односно оваа голема хуманитарна акција ја работиме со поддршка на Локалната самоуправа на општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски. Значи најважното, односно причината поради која сите се собравме и решивме да го реализираме овој проект, е да ја направиме претставата хуманитарна и сите собрани средства од продажбата на влезните билети да ги донираме на три места, кои што мислиме дека се моментално приоритетни за да се помогне. Прво ќе инсталираме лифт за хендикепирани лица во Центарот за култура „Марко Цепенков“ за пристап во големата сала, потоа во дневниот центар за деца и лица со посебни потреба „Ѕуница“ ќе промениме дограма и на крај во ОУ „Климент Охридски“ ќе набавиме 4 компјутери за потребите на посебните паралелки. Претставата ја работиме со поддршка на Општина Прилеп и Локалната самоуправа, која што ја препозна нашата идеја и реши да ја валоризира со поддршка на овој целосен проект и јас сум многу задоволен од тоа како испадна претставата и се надевам дека прилепчани ќе уживаат во претставата и во наредните 9 репризи, кои се закажани во наредните 9 консеквентни дена“, додаде Нацевски.

 

Во оваа претстава интересно е да се напомене дека покрај актуелните членови на театар „Чин 4 сцена 5“, играат и ветераните, а тоа се некогашните членови кои што членувале во театар „Чин 4 сцена 5“ пред 5-6 па можеби и 10 години. Љубовта која ја чувствуваат кон театарот и желбата да се помогне е она што ја мотивираше повторно да собере целата екипа.

 

„Викенд на мртовци е драмски текст кој верувам дека дефинитивно треба одновно и одново да биде поставуван пред публиката и верувам дека ние добро си ја одработивме својата работа и дека публиката ќе бара се повеќе и повеќе изведби, дека ќе сака да ја гледа нашата претстава. Јас сум актуелен член на помладите на театар „Чин 4 Сцена 5“. Како што кажа и режисерот, главно улогите ги завзедоа ветераните, оние кои што биле членови на театарот и морам да кажам дека енергијата на пробите и во целиот овој процес беше прекрасна, беше задоволство да се работи со нив и верувам дека ние како помлади членови внесовме една нова енергија и така сите заедно, како една екипа создадовме уште едно убаво театарско дело за кое што публика уште долго ќе зборува и уште долго ќе биде барано на сцената на домот за култура“, истакна Леона Митревска, „Чин 4 Сцена 5“.

 

„Чувството на 28 години да бидеш ветеран е убаво, благодарам за поканата. Ме поканивте да играм пак, се чувствувам како дел од едно семејство, се чувствуваме сите како едно семејство. Немам играно добри 7-8 години и веднаш ја прифатив поканата кога разбрав дека е и од хуманитарен карактер. Одделив многу време од се, само да се помогне. Инаку јас сум во улогата на охриѓанецот Климе, само тоа можам да го откријам, другото оставам да го видите вие, да кажете. Со оцена мислам дека ќе поминеме многу добар-одличен, 5. Паралелата е иста, штиците се исти, женет човек, дете, приватниот живот го оставаме на страна. Сцената е таа, штиците се исти, не е ништо променето, енергијата што ја имаме ние како млади ја имаат и дечките помлади, сега постар сум, ветеран“, со смеење и весела атмосфера одговараше на прашањата од новинарите на прес конференцијата Христијан Коруноски, „Чин 4 Сцена 5“.

 

„Претставата ја спремаме веќе добри 2 месеци и упатувам еден апел до сите прилепчани да купат карта, да ја гледаат претставата, бидејќи кај нас пред се треба да постои тоа чувство на хуманитарност. Претставата додека ја спремавме сите пренесовме едно добро искуство, големите нас и ние на големите“, кажа Марко Ѓорески, „Чин 4 Сцена 5“.

 

Претставите започнуваат од утре и трааат во наредните 10 дена.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи