Најмладиот милионер во Македонија е 15-годишник

Најмладо лице кое во 2017 година остварило доход над 1.000.000 денари во Македонија има 15 години, додека во групата над 10.000.000 денари, најмладиот има 20 години, а парите ги заработиле по основ на интернет услуги и маркетниг, информираа од Управата за јавни приходи, кои објавија податоци за највисоките приходи во 2017 година од анализата на поднесените годишни даночни пријави.

 

Највисок годишен приход за 2017 пријавил скопјанец, вкупно 212 милиони денари. Втор на листата со остварен годишен бруто приход од 207, 6 милиони денари е исто така граѓанин од Скопје. На листата со највисоки приходи пријавени во Годишната даночна пријава за 2017 година има и граѓани од Струга со остварени 135.137.869 денари и од Битола со остварени 92.922.049 денари.

 

Највисоки плати, пак, биле пријавени од граѓани кои работат во секторите здравство, фармација и информатички технологии.

 

Највисоката годишна бруто плата во 2017 година изнесува 167.687.011 денари е исплатена во секторот здравство. Највисокото „дополнително примање и надоместок од работен однос“ изнесува 46.307.898 денари на годишно ниво.

 

Највисоката остварена капитална добивка е 43.973.500 денари и е остварена во Прилеп.

 

Највисоката добивка од лото, обложување, казино и учество во наградни игри, односно пријавен вкупен бруто приход од игри на среќа е жител на Тетово кој само по овој основ остварил 9.999.041 денари.

 

Највисока заработувачка пријавиле пензионери од Битола и Скопје, кои освен пензијата оствариле и приходи по други основи. Прворангираниот пензионер од Битола пријавил 55.559.568 денари вкупен годишен бруто приход по сите основи, вклучувајќи ја и пензијата. Највисок годишен бруто приход само по основ на пензија (станува збор за странска пензија) е пријавен во Скопје и тоа во износ од 5.728.934 денари.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien