ВИДЕО – Пендаровски : Ќе бидам претседател на сите граѓани и внатрешен „камшикар“, нема да дозволам државата да се води од Будимпешта

Јас ќе бидам внатрешниот камшикар и претседател на сите граѓани на Македонија. Недозволиво е државата да биде водена од Бидимпешта. Ова вечерва на трибината со граѓаните во Прилеп го истакна кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски. Пендаровски презентираше нов начин на водење на кампања, без бина и голем митинг туку средба со граѓаните. Пендаровски нагласи дека народот сега не смеел да си игра со својата судбина и дека требало да се продолжи со досегашната политика и борба која ја водела власта, а не со онаа на опозицијата која водела кон нови поделби и изолации на државата.

 

 

„Зоки во една прилика има речено дека нам ни треба камшикар од Брисел да ни кажува кои демократски стандарди треба да ги употребуваме за да напредуваме. Јас му гарантирам дека после 12 мај почнува мандатот, ќе има и внатрешен камшикар во мене, се за доброто на државата. Не ми паѓа на памет ако ми дојде мандатар утре со 61 потпис собран од пратениците да не му давам мандат. Тоа е злосторство против народот на државата. Не ми паѓа на памет закони за кои сме се мачеле толку месеци да ги донесеме и се од корист за многу наши граѓани, два пати гласани, да не ги потпишувам. Не ми паѓа на памет да бидам таков злосторник против својот народ и против својата држава. Се разбира, се што е во корист на граѓаните ќе биде потпишано од мене и поддржано и јавно, за се што имам примедба заедно со него, и утре со било кој да биде премиер, во интерес на Македонија, во интерес на нашите граѓани, заеднички ќе седнеме и ќе го поправиме тој закон. Јас морам да бидам претседател на сите граѓани навистина, не само да добивам поени во рамки на кампања, или да ве лажам овие 20 дена и после да си терам некоја своја политика. Oна што е најбитно, претседателот мора да има интегритет. Јас сум со висока почит кон 31 политичка партија, кон Зоран Заев лично кој пред 5 години ме поддржа, кон СДСМ и кон сите други, меѓутоа имаме граница во тоа, ако некој оди преку таа граница која се нарекува пречекорување на правата на граѓаните, се разбира дека тука треба да се каже стоп. Во интерес на граѓаните и народот, недозволено е, јас се разбира тоа нема да го дозволам, нашата држава да биде водена од Будимпешта“, истакна Пендаровски.

 

Пендаровски рече дека опозицијата била против Рамковниот договор, против Преспанскиот договор и против Законот за јазици со што само ја внесувала Македонија во  нова криза. Затоа според него 21-ви април и 5-ти мај во суштина ќе биле еден вид референдум за се она што направила досега оваа политичка структура.

 

„Мора да имаме максимална политичка мобилизација, не треба да спиеме на тоа уво дека работата е завршена пред да биде завршена и не смееме да се коцкаме со иднината на држвата. Она што досега е направено, сите пробиви и на меѓународен план и на внатрешен план во делот на внатрешната кохезија, која оваа влада ги направи, не смееме да ги ставиме под ризик. Алтернативната опција на опозицијата вели, НЕ за Преспа, НЕ за Законот за јазици, НЕ за Рамковниот договор, практично значи блокада и нова изолација. Ние ги живееме 10-те тешки години на „груевизмот“, во кој дерман немавме. Ако имаше дуќан од опозицијата те казнуваа по 3.000 евра за ништо, ако имаше дете за вработување никој не ти го гледаше, значи бевме на секаков можен начин дискриминирани, само затоа што не бевме членови на таа фамилија и членови на таа партија. Не смееме да си играме играчки со иднината на нашата држава, сега кога конечно сме на вистинскиот пат. Заев рече, има различни патишта, но овој е најдобриот за нас и тоа е проверено. Сега кога толку вложивме, толку сите ние искрваривме, некои од нас и физички во тие грозни настани, немојте да дозволиме, 21-ви и 5-ти во суштина ќе бидат еден вид референдум за се ова што направи досега оваа политичка структура. Јас мислам дека направи историски исчекор да ја позиционира Македонија конечно на европската карта, меѓу нормалните, здрави, прави и просперитетни европски држави и нации. И дајте уште еднаш, нема да гласате за Стево Пендаровски, на ливчето ќе пишува Стево Пендаровски, ќе гласате за оваа политика која Македонија ја извади од дното, ја крена на површината за да дише, да биде жива, здрава и да напредува“, додаде Пендаровски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien