Ципрас: Да гледаме кон иднината, да градиме мостови, наместо ѕидови

Facebook
Twitter
Email
Print

На заедничката прес-конференција одржана попладнево во Владата со премиерот Зоран Заев, грчкиот премиер Алексис Ципрас порача дека Грција ќе ја поддржи Македонија на патот кон Европската унија, како и дека соработката помеѓу соседите ќе претставува пример за Балканот и за Европа.

 

„Да преминеме од историјата на спорови, кон историја за која што знаеме дека била синоним за Балканот, да го промениме наративот на поделби, да изградиме наратив на соработка, заедничко разбирање и раст.  Цврсто сум убеден дека успехот ќе биде пример за целиот Балкан, но и за Европа. Изгубивме многу време, мораме да брзаме и да ги премостиме сите јазови. Пред извесно време се сретнавме со нашите министри во рамки на првиот состанок на Советот за соработка, која можеби изгледаше невозможна, но денес е реалност, како и акцискиот план кој ги покрива сите сектори за соработка. На ниво на дипломатските односи создадовме амбасади. Грција прва го ратификуваше пристапниот протокол за Македонија во НАТО. Потпишуваме меморандум за разбирање за пристапувањето на Македонија кон ЕУ, кој ќе ни дозволи координација во различни фази, а потоа и соработка и размена на знаења. Имавме можност да разговараме за соработката во НАТО, но и во регионот. Зборувавме и за начините на кои ќе ги подобриме односите во рамки на соработката со другите балкански држави“, кажа грчкиот премиер.

 

Ципрас го потенцираше и значењето од економската соработка договорена во текот на неговата посета на Скопје.

 

„Најважното прашање беше економијата. Воспоставивме Координативен комитет за соработка, кој ќе ги охрабрува напорите на претприемачите, ќе ги штитиме инвестициите и ќе избегнеме двојно даночење. Среќен сум што продолжуваме со договорите и верувам дека ќе ги затвориме сите прашања, со цел да создадеме цврсти темели за соработка. Важен е начинот со кој отсега ќе имаме институции што ќе вршат надзор за спроведувањето на договорот и ќе имаат меѓусебно разбирање. Нашиот состанок претставува исторички чекор напред за Балканот и за Европа. Ние сме тука да изнајдеме решенија, да гледаме кон иднината, да градиме мостови, наместо ѕидови. Ова е визија која е од клучно значење за Европа и за Балканот. Грција ќе ја поддржи Северна Македонија во нејзините напори за продолжување на реформите за станување на дел од ЕУ. Ние ќе бидеме тука да ве поддржиме, ќе го поддржиме вашето пристапување и целиот процес. Верувам дека денес градиме силно пријателство“, заклучи гостинот од Грција.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи