Седум децении НАТО

На 4 април 1949 година – речиси точно четири години по безусловното предавање на Германија со што заврши Втората светска војна во Европа – 12 земји во Вашингтон го потпишаа Северноатлантскиот договор.

 

Во рок од пет месеци, секоја од овие земји го ратификува договорот, запечатувајќи го своето членство во Северноатлантската организација или НАТО.

 

Во текот на 70 години, Алијансата реагираше на кризи во Европа и во целиот свет. Исто така порасна, инкорпорирајќи западноевропски земји и поранешни советски републики. НАТО, исто така, ги вбројува земјите во Азија, Океанија и Латинска Америка како глобални партнери.

 

Проширувањето на НАТО не беше без проблеми, но Алијансата сега е во процес на прифаќање на својата 30-та членка и е поголема од кога и да е.

 

Во продолжение е датумот на кој членките пристапиле кон НАТО.

 

  • 4 април 1949 – Белгија е една од 12 земји основачки што го потпиша Северноатлантскиот договор четири години по крајот на Втората светска војна.
  • 4 април 1949 – Канада
  • 4 април 1949 – Данска
  • 4 април 1949 – Франција. Но, францускиот претседател Шарл де Гол ги повлече француските вооружени сили од интегрираната воена структура на НАТО во 1966 година, поради желбата за поголема независност, особено од САД.
  • 4 април 1949 – Исланд немаше и сѐ уште нема вооружени сили, но има крајбрежна стража, национална полиција, систем за воздушна одбрана и доброволни експедитивни мировни сили.
  • 4 април 1949 – Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, Велика Британија и САД.
  • 18 февруари 1952  – Грција
  • 18 февруари 1952 – Турција
  • 6 мај 1955 – Западна Германија ѝ се приклучи на Алијансата шест години откако беше формирана државата. Меѓупериодот беше исполнет со дебата во Западна Германија и во Западна Европа за тоа дали и како да се интегрира новата земја. Кога Западна и Источна Германија повторно се обединија на 3 октомври 1990 година, земјата го потврди членството во Алијансата.
  • 30 мај 1982 – Шпанија се приклучи седум години по завршувањето на диктатурата на Франко. Земјата, исто така, преживеа воен удар во 1981 година, а нејзината водечка опозициска партија, Социјалистичката партија, првично се противеше на приклучувањето.
  • 12 мај 1999 – Чешката Република беше една од трите земји чијшто прием го означи првиот бран проширување на НАТО по Студената војна. Чешка, Унгарија и Полска беа првите поранешни членки на Варшавскиот пакт што ѝ се приклучија на Алијансата.
  • 29 март 2004 – Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија се седумте земји што му се приклучија на НАТО во вториот бран проширувања по Студената војна. Балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија немаат свои воздушни сили, па од нивното приклучување во 2004 година, другите членки на НАТО вршат ротирање на авиони и помошни единици преку трите земји како дел од мисијата на НАТО за балтичката воздухопловна политика.
  • 1 април 2009 – Албанија и Хрватска тесно соработуваа со НАТО пред приклучувањето, посебно во областа на одбраната и безбедноста.
  • 5 јуни 2017 – Црна Гора, најновата членка на Алијансата, почна тесна соработка со НАТО набрзо по прогласувањето независност во јуни 2006, вклучувајќи и учество во мисии на НАТО во Авганистан од почетокот на 2010 година.

 

На одбележувањето на големиот јубилеј 70 години постоење, во фокусот на НАТО е кавгата меѓу САД и Турција околу бизнисот за оружје на Анкара со Русија, како и критиките кон Германија поради недоволниот буџет одвоен за одбраната.

 

Поделбите не ги крие ниту првиот човек на НАТО, кој од американскиот Конгрес порача дека има многу прашања кои се поставуваат од двете страни на Атлантикот за силата на внатрешното партнерство.

 

„Не треба да бидеме изненадени кога има различности меѓу нашите земји членки. Денес имаме несогласувања околу прашањата како што е трговијата, енергијата, климатските промени и иранската нуклеарна програма. Постојат сериозни прашања со сериозни спротивставувања“, изјави Јенс Столтеберг, генерален секретар на НАТО.

 

И Македонија несомнено е тема меѓу НАТО сојузниците. Шефот на американската дипломатија Помпео синоќа се сретна со македонскиот колега Димитров во Вашингтон, а на гала вечерата не го криеше задоволството за проширувањето на Алијансата со новата членка.

 

„За среќа, нашата бројка расте. НАТО сега обединува 29 нации. Оваа година се подготвуваме да ја примиме 30-та земја, Северна Македонија. Со задоволство можам да кажам дека минатата недела формално ги доставивме документите за ратификација на Протоколот за Северна Македонија во американскиот Сенат“, изјави Мајк Помпео, државен секретар на САД.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien