ВМРО-ДПМНЕ: Во пресрет на изборите расте нервозата кај власта – демолирани возила и криминал насекаде

Статистиките кои вчера на прес конференција ги пласираа од СДСМ се само бројки кои немаат допирна точка со реалноста. Граѓаните се плашат за својата безбедност, а она што загрижува е нервозата на власта во пресрет на претседателските избори, па зачестуваат и предизборните инциденти насочени кон поранешни и сегашни функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, изјавија на денешната прес конференција од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

Колку и да манипулираат од СДСМ дека во Прилеп цвета животот и дека се’ е така розово, состојбата во градот е многу поразлична.

 

Откако тие ја презедоа власта и на централно и на локално ниво, Прилеп се претвори во најнебезбеден град во државата. Секојдневно сме сведоци на филмски грабежи, демолирани возила, тепачки и разни други инциденти и криминални појави.

 

Не е ВМРО-ДПМНЕ партија која внесува несигурност и страв кај граѓаните, туку самите прилепчани се сведоци за тоа дека нивниот град наликува на средина од вестерн филмовите.

 

Граѓаните се плашат за својата безбедност и чувствуваат страв да се движат низ градот. Грабежи се случуваат и среде бел ден, а пример за тоа беа вооружениот грабеж на златара во Старата прилепска чаршија и филмскиот грабеж на дуќан во новата катна гаража.

 

Статистиките кои вчера на прес конференција ги пласираа од СДСМ се само бројки кои немаат допирна точка со реалноста.

 

Она што загрижува е нервозата на власта во пресрет на претседателските избори, па зачестуваат и предизборните инциденти насочени кон поранешни и сегашни функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Минатиот месец во центарот на градот, демолиран беше автомобилот на поранешниот градоначалник на општина Прилеп, Марјан Ристески, а пред два дена и автомобилот на советникот Гоце Стефаноски.

 

Почитувани,

 

Вакво сеење на страв и омраза кон политички неистомисленици е карактеристично за најголемите диктаторски режими во историјата. Овие методи на практикување на власта се црно минато на светскиот поредок, а во Прилеп  за жал се сегашност и секојдневие.

 

На ваков начин не се гради едно општество за сите и не се следат модерните европски и демократски вредности, кон кои се стремиме како држава.

 

Од власта се свесни дека ја загубија поддршката од граѓаните и дека доаѓа казната за сите предавства на сопствениот народ и држава, како и за невидениот досега непотизам и лажни ветувања.

 

Првиот силен удар за оваа одродена и аздисана власт следува на претседателските избори закажани за 21 април, а веднаш потоа и на 5 мај.

 

Правдата и правото мора да дојдат во Македонија, а хунтата на власт да се смести на црната страна од политичката историја.“ рекоа од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien