ВИДЕО – Еурокомпозитовци : Веќе 2 години сме по улици, ова е изживување, Владата не лажи и манипулира со нас

Поранешните вработени во „Еурокомпозит“ повторно излегоа на протест блокирајќи го центарот на Прилеп. Обвинуваат дека вицепремиерот Анѓушев и покрај ветувањето дадено во Прилеп на 30 март дека ќе се сретне повторно со нив да се договорат, не го исполнил ветеното. Обвинија дека Владата 2 години ги лажела и манипулирала со нив, тоа се гледало и на последната средба која ја имаа во зградата на Општина Прилеп. Се пожалија и на тоа дека не добивале никаква помош и од градоначалникот.

 

 

Ароганцијата на оваа Влада се виде на дело. На состанокот не гледаа во очи и не лажат. Ни делуваа како раштиман оркестар. Вицепремиерот нуди отпремнина, 3 плати и 20 % од придонесите да ни плати до 24 април, а директорот тогаш велии дека за 10 дена јас ќе платам отпремниина и делуваа како раштиман оркестар. Овие не сакаат да го решат проблемот воопшто не се заинтересирани за „Еурокомпозит“, тие си гледаат нивни лични интереси, „Еурокомпозит“ не им е интересен“, изјави Борко Томески, поранешен вработен во „Еурокомпозит“.

 

„Ова е само купување на време, вината ја најдувам и кај градоначалникот, претходно дури штрајкувавме баравме прием кај него не не удоволи, кога се договоривме дека на 1 април ќе одиме на протести во Скопје, го искрши телефонот од звонење кај иницијативниот одбор да ни обезбедел средба со премиеирот и вицепремиерот кои доаѓаа другиот ден во Прилеп. Ајде прифативме и тогаш купија време, не излажаа“, истакна Жарко Талески, поранешен вработен во „Еурокомпозит“.

 

На последната средба Анѓушев најави 2 решенија за оваа државна компанија. Едното било да се реализираат некои договори, за кои не кажа ништо подетално, со кои „Еурокомпозит“ ќе се санирал во постојната состојба, а доколку не се реализирало тоа да се оди со активен стечај и влез на инвеститор за кој најави дека веќе бил најден. Но екс вработените не ги прифатија понудените решенија затоа што им било ветено, откако ќе се продаде компанијата, да добијат целосна исплата на отпремнината, последните 3 заостанати плати, 50 % од другите заостанати плати и само 20% од придонесите кои не им се платени од 2012 година.

 

Јавно да кажат дали имаат намера да го решат проблемот или да не не малтретираат повеќе. Да кажат неможиме, несмееме, незнаеме, нека најдат некој изговор. Веќе 2 години сме по улици, не сме ние деца. Гледате дека староснава граница на луѓето тука е над 60 години. Ова е изживување. Владата е таа која треба да ги решава овие проблеми“, истакна Пеце Вељаноски, поранешен вработен во „Еурокомпозит“.

 

Еурокомпозитовци побараа заедничка средба со пратениците од Прилеп и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ кој заедно би лобирале за донесување посебен закон за решавање на случајот со оваа фабрика.

 

„Апел до градоначалникот да ни обезбеди средба со сите релевантни политички сили во градот, а тие се знаеме кој, пратениците и од позицијата и од опозицијата. И минатиот пат баравме таква средба, но ни беше речено дека пратениците од опозицијата не можеле да дојдат. Јас мислам дека така средба ќе има поголема тежина бидејќи тие се избрани од нас, без разлика дали се позиција или опозиција. Нека ни закажат една таква средба и јас мислам дека би мрднале од мртва точка“, кажа Цветан Бунтески, поранешен вработен во „Еурокомпозит“.

 

Поранешните вработени во „Еурокомпозит“ потенцираа дека деновиве планираат да заминат на нови протести во Скопје.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien