Вооружен грабеж во експозитура на НЛБ Банка во Чаир

Вооружени разбојници  сред бел ден утринава нешто пред 10 часот извршиле грабеж во НЛБ Банка на улицата “Ферид Бајрам” во скопски Чаир.

 

Разбојниците физички го нападнале дваесет и шест годишниот Е.Е. кој е вработен како обезбедување во банката.

 

Состојбата на вработените е добра, информираше генералниот директор Антонио Аргир, кој беше дојден во експозитурата, но не откри колкава сума на пари е украдена.

 

“Не можам ништо да ви кажам. Вооружен грабеж, извештај ќе даде полицијата. Не можеме да кажеме сега за сега ништо. Вработените се добри  тоа е најбитно дека нема жртви, има малку повредени, но ќе биде се океј”, изјави Антонио Аргир – Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка

 

Во полицијата било пријавено дека имало пукање и со оружје, но за среќа повредени нема. Според очевидци, разбојниците носеле качулки и побегнале.

 

Според неофицијални извори разбојниците, кои биле четворица на број, пукале во воздух, а потоа влегле во сиво возило марка “Голф 5”, кое два часа по кражбата полицијата го пронашла изгорено во близина на реката Серава кај гробиштата во Бутел. Се претпоставува дека разбојниците сакале да ја прикријат својата трага, при што својот понатамошен пат го продолжиле со друго возило.  Од полицијата велат дека се преземаат сите мерки за расчистување на случајот.

 

Банките во Македонија се честа мета на крадците. Пред околу два месеци маскирани вооружени лица ја ограбија и експозитурата на “Халк Банка” на Качанички пат кон Визбегово.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien