ВИДЕО – Жителите на Мариово заборавени од државата, за 30 години не ги посетил ниту еден премиер или претседател

Урнатини и пустoш. Ова е денешната слика на Мариово, каде во прилепскиот дел има останато нешто над 150 жители на територија од 500 км 2. Најголемата ненаселена област во Европа. Го посетивме селото Витолиште кое е на 60-тина км. од Прилеп. Од некогашните 1.000 жители, сега се останати само 30-тина. Тука повеќе нема буквално ништо.

 

 

„Какво училиште имаше, каква полициска станица имаше, каква здравствена амбуланта имаше, како идеше гинеколог, заболекар. А сега што ? Сега се вративме во времето на Итар Пејо, пред 100 години, живот повеќе нема“, истакна , Стојко Крајоски, жител на с. Витолиште.

 

Мариово е единствената област во Македонија која не ја посетил ниту еден претседател од осамостојувањето до денес. Ниту пак премиер. Највисока државна функција тука била градоначалник. Партиите немаат повеќе интерес за Мариово.

 

Што ви ветуваат партиите, кога доаѓаат тука, што ви ветуваат ?

 

„Кои партии, никој не доаѓа, ќе пратат некој да донесе капчиња и пенкала и толку. Ние сме одделени од светот, а не заборавени“, рече Петре Вељаноски, жител на с. Витолиште.

 

Но иако никој ништо не направил за овие луѓе, тие сепак не пропуштаат избори, а да не гласаат.

 

Кога гласате што очекувате ?

 

„Што очекуваме, очекувам поарно, ама еве се полошо е наместо поарно“, кажа Јана Митановска, жител на с. Витолиште.

 

„Јас гласам на секои избори редовно.Очекувам подобар живот, ама ништо од тоа“, изјави Љуба Вељаноска, жител на с. Витолиште.

 

Во Мариово нема повеќе државни институции, единствено останата е граничната полиција. Нема економија, нема редовен превоз до Прилеп, а лекар доаѓа само 2 пати неделно. За жал во Мариово нема ниту едно дете кое постојано живее тука.

 

Импровизираното игралиште за кошарка е само нем потсетник за детскиот џагор кој што некогаш постоел во Витолиште. За жал денес најголемиот дел од селото наликува како на сцена од хорор филм.

 

Иако гласаат на секои избори сепак Мариовци веќе ја изгубиле надежта и за живот и за иднина.

 

„Нема надеж повеќе за Мариово, нема надеж за Македонија, не за Мариово, сите се иселуваат“, вели Боше Пашески, жител на с. Витолиште.

 

„Едни новинари од Словенија дошле тука ии напишале наслов ја посетивме најубавата пустина во Македонија. Мариово во иднина тоа и ќе биде најубавата пустина во Македонија“, вели Спасе Чакрески, жител на с. Витолиште.

 

А доколку некој политичар сепак се реши да дојде тука, Мариовци му порачуваат прво да го реконструира патот кој се градел во времето на Југославија и кој сега наликува на минско поле, а па потоа да разговара со нив.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien