Трајковски : Годинава „MARIOVO OFF ROAD EXPERIENCE“ го селиме кај мостот во Зовиќ, новитет е разгледување на Мариово со четирицикли

Мариово го гледаме како една целина и не го делиме на подрегиони. Важно е само да се биде таму. Првите пет години бевме во село Манастир, па две години во манастирот Свети Илија во село Мелница и сега се префрлуваме во село Зовиќ. Активностите остануваат како и другите години. Ова во интервјуто за Инфо Компас го истакна Слободан Трајковски, организатор на аутдор фестивалот „MARIOVO OFF ROAD EXPERIENCE“, кој реши оваа година да ја смени локацијата за старт и камп на фестивалот, од прилепскиот во битолскиот дел на Мариово. Трајковски нагласи дека и оваа година фестивалот ќе биде од хуманитарен карактер. Новитет на осмото издание било осмата активност што се применувала на отворено, а тоа било претставување на потенцијалите за разглед на Мариово со четирицикли.

 

 

После 8 години MARIOVO OFF ROAD EXPERIENCE кампот и стартот на ова велосипедска тура и аутдор фестивал го сели од прилепскиот во битолскиот дел на Мариово. Зошто која е причината ?

 

Водени од желбата да уживаме во Мариово, со текот на времето решивме и да ги менуваме местата на одржување на фестивалот. Ние областа ја гледаме како една целина и не го делиме на подрегиони. Мариово е прекрасно насекаде. Важно е само да се биде таму. Првите пет години бевме во село Манастир, па две години во манастирот Свети Илија во село Мелница и сега се префрлуваме во село Зовиќ. Мостот на Градешничка река уште на почетокот беше една од најпривлечните точки за време на нашите активности, а овој пат решивме и да кампуваме во негова близина, затоа го одбравме село Зовиќ. Секогаш кога разговарав со гостите за воведување новитети на фестивалот и барав совет од нив, тие велеа „што и да правиш, не го исфрлај мостот“. Сега ќе поминеме цел викенд во негова близина.

 

Што се планира на годинешниот MARIOVO OFF ROAD EXPERIENCE ?

 

Активностите остануваат како и другите години. Претходните години имавме аеробик, спелологија, планинско трчање, џип турнеи, планинарење, болдеринг и велосипедизам и тие секако остануваат на програмата. Кампот ќе биде во близина на етно куќа „Кај мостот“, каде што во саботата ќе се послужи и заслуженото гравче после велосипедските тури, а тука ќе биде и забавата во саботата вечер водена од диџеј Торта.

 

Големата велосипедска тура е истата од минатите години, само што сега стартот е во село Зовиќ и се врти истиот круг : Зовиќ, Манастир, Бешиште, Градешница, Старавина и назад во Зовиќ на гравче кај Митко во етно-куќа Кај мостот. Малата велосипедска тура почнува во Зовиќ и ги посетува селата Градешница и Старавина и манастирот Свети Атанасиј.

И оваа година фестивалот е од хуманитарен карактер. Немаме класична карта или котизација, но секој гостин ќе донира 300 денари, средства што ќе бидат наменети за обезбедување терапија на нашиот другар велосипедист Дејан Наумовски – Зикер. Мариово ќе вози за него.

 

 

 

Дали ќе има некои новини оваа година ?

 

Новитет на осмото издание е и осмата активност што се применува на отворено, а тоа е претставување на потенцијалите за разглед на Мариово со четирицикли. Четирициклите ќе бидат обезбедени од дечките од Ројал рајдерс. И оваа година гости ќе ни бидат пријателите од Оф Роуд здружението 4×4. А имаме најава и за присуство на студенти по географија при ПМФ на УКИМ. Коишто ќе вршат истражување на терен. Притоа ја исполнуваме нашата цел да уживаме и да ја истражуваме Македонија и на тој начин да и се оддолжиме за убавините што ни ги нуди.

 

MARIOVO OFF ROAD EXPERIENCE стана вистински македонски бренд за овие години, каде се гледате како фестивал во иднина, кои се вашите цели за понатамошен развој ?

 

Амбициите за развој на фестивалот за разлика од претходните години се намалени. Тоа си дојде природно како фестивалот со годините зрееше и ние со него како организатори. Со текот на времето научивме дека подобро е да ги поканиме и пречекаме само вистинските уживатели во природата и Мариово, отколку да одиме на голема бројка на гости. Тоа се гледа и по намалената кампања што ја водиме во медиумите. Ние одредуваме датум за фестивалот, го подготвуваме теренот и активностите за време на викендот, каниме гости Мариовољупци и се трудиме да им го доближиме Мариово во најдоброто светло. Се надевам дека фестивалот ќе се одржува и во следните години

 

 

 

 

И нормално, за крај дали ќе се вратите повторно во Прилеп, со кампот и стартот J ?

 

Еден ден повторно ќе се вратиме во прилепскиот дел на Мариово. Можеби повторно во село Манастир, можеби Витолиште или Дуње. Можеби ќе одиме и во кавадаречкиот дел. Мариово има многу прекрасни места во коишто треба да се ужива.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien