ВИДЕО – Жените од здружението „Преродба“ од Прилеп традиционално ги вапсаа јајцата на Велики Четврток

Жените од здружението „Преродба“ од Прилеп традиционално како и секоја година на Велики Четврток ги вапсаа јајцата за големиот христијански празник Велигден. Според обичајот домаќинките прво вапсуваат три јајца, уште пред изгрејсонце. Првото вапсано јајце го викале Божјарче, бидејќи било за Господ, заедно со другите 2 јајца се ставале на прозор на црвена подлога да ги огрее првиот сончев зрак. Другите 2 јајца биле посветени за бериќетот на нивите, а третото за имотот. Прилеп има навистина посебни обичаи кога доаѓаат овие предвелигденски денови. Луѓето нив ги одбележуваат на доста уникатен начин.

 

 

„Божјарчето се вапсува рано на сабајле во четврток и се става на изгрејсонце, таму откако ќе постои се става кај иконата во куќата. Божјарчето се чува цела година, до наредната година“, вели Надежда Велушаноска, член на здружение „Преродба“.

 

„Кога ќе станат децата му правуиме црвено-бело и ги капиме дента со едно јајце. Црвено – бело се прави кога со јајцето се тријат образвчињата на детето и му се вика, црвено-бело дебело, најубаво на баба или мама“, истакна Менче Пеоска, член на здружение „Преродба“.

 

Откако ќе ги направеле адетите дома се оделе во црква. Членките на здружението Преродба велат дека со овие празнувања се зачувувала нашата убава традиција и религија.

 

„Откако ќе гии вапсаме јајцата досредуваме дома она што го имаме. Јајцата се прибираат, потоа се оди во црква, на вечерна служба ии се останува цела ноќ со пречувување на Исус Христос“, истакна Лилјана Ѓорѓиоска, претседател на здружение „Преродба“.

 

Во Прилеп за Велигден има еден уникатен адет, целиот ден откако ќе се вратат прилепчани од црква шетаат со своите деца од куќа на куќа и го честитаат празникот.

 

„Секоја година за Велигден на малите деца му се купува нешто ново за да носат за Велигден и секое дете со татко му или со дедо му одат по куќите за да се означи Велигден. Му се дава по едно јајце на децата за да можат да се радуваат за тој ден што го славиме“, рече Добринка Илиеска, член на здружение „Преродба“.

 

Овие традиции наголемо ги почитувале младите, како оние во Прилеп, така и тие кои заминале во странство.

 

„Можам да кажам за младите еве ќерка ми не е тука, во странство е, меѓутоа уште пред 1 месец ми порача да и пратам боја. Таа утре ќе вапса јајцата и потоа ќе ги однеси на работа за да можат сите жители на Малта со кои работи, па ии сиите останати, да видат што претставува овој ден за нас и како се одбележува“, додаде Лилјана Ѓорѓиоска, претседател на здружение „Преродба“.

 

Инаку според православната црква на Велики Четврток, за време на Тајната вечера Христос ја воспоставува Светата евхаристија, односно причествувањето, исто така на Велики Четврток тој е предаден од страна на Јуда. Утре е пак е Велики Петок кога верниците ги посетуваат црквите за да се поклонат на Плаштеницата на која е насликано положеното тело на Христос.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи