Јанкула : Планирам да поминам 900 км. за 7 дена во обид да докажам дека лицата со попреченост се еднакви како и останатите

Васил Јанкула од Ресен е лице кое боледува од церебрална парализа. Со својот трицикл тој планира да помине над 900 км. за 7 дена од Ресен, Битола, Прилеп, Градско, Скопје, Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, Струга, Охрид и преку Галичица повторно се враќа во Ресен. Оваа тура, која ја наслови како „Tour de Macedonia“, планира да ја започне во петок ( 10.05.2019 ). Екипата на Инфо Компас направи кратко интервју со него пред почетокот на овој голем предизвик.

 

Во петок го започнуваш својот нов голем предизвик насловен „Tour de Macedonia“.  Кои градови планираш да ги поминеш со својот трицикл и за колку време ?

 

Со мојот трицикл тргнувам од Ресен, Битола, Прилеп, потоа Градско, Скопје, Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, Струга, Охрид и преку Галичица повторно се враќам во Ресен. Планирам да оваа дестинација да поминам за околу 7 до 8 дена.

 

Колку вкупно километри изнесува оваа рута и дали веќе имаш направено план каде ќе правиш паузи и каде ќе останеш со спиење ?

 

Оваа рута изнесува околу 900 км. Првиот ден пауза ќе паравам во Битола, а во Прилеп ќе спијам. Потоа во Градско ќе правам пауза, а во Велес ќе го поминам вториот ден. Потоа продолжувам за Скопје каде и ќе останам третиот ден. По Скопје проодолжувам за Тетово, каде ќе правам пауза, а ќе преспиијам во Гостивар. Планирам потоа да преспијам во Маврово, Дебар, Струга правам пауза и последниот ден останувам во Охрид.

 

 

 

Од каде идејата за ова, што беше главниот мотив ?

 

Идејата беше на целата јавност да и докажам дека лицата со попреченост се еднакви како и останатите и дека можат повеќе и дека не треба никој да нии суди поради нашата попреченост.

 

Освен тебе кој ќе биде составен дел од екипата која ќе ја помине „Tour de Macedonia“ ?

 

Со мене ќе биде цело време мојот тренер Тони Ангеловски, а ќе имам придружба и од брат ми и мој пријател кои со возило ќе ни го обезбедуваат патот.

 

Колку време се подготвуваше за овој настан и како ?

 

За овој настан се подготвувам 2 месеци. Тренирам скоро секој ден, возам од 20 до 30 км дневно. А некои денови возам и по 80 км.

 

Кои се твои поддржувачи и спонзори ?

 

Моите спонзори се УНДП.

 

 

Ова досега е најголема дестинација која ќе ја извозиш со својот трицикл, но не и прва досега имаш учествувано на повеќе маратони, а последен пат на Скопскиот маратон кој се одржа викендов. Каде се имаш учествувано и како започна оваа приказна со возењето на велосипедот, колку време возиш ?

 

Имаме учествувано на „Tour de Galicica“, на Охридскиот маратон од Свети Наум до Охрид, во должина од 32 км. Учествував и на „Скопје на точак“ во должина од 20 км. Бев дел и од прилепскиот полумаратон 21км. А последно учествував на Скопскиот маратон 42 км. Го сакам велосипедизмот бидејќи возам од мали нозе. Ги сакам и сите останати спортови, но не сум во можност да бидам дел од истите. Многу сакам спорт воопшто.

 

Секогаш се застапуваш за лицата со хендикеп да бидат третирани подеднакво со останатите во општеството. Каква е состојбата на овој план во Македонија ? Треба ли општеството да направи нешто повеќе за лицата со одредена попреченост ?

 

За жал да. Како што и самите можите да видите многу мал дел од хендикепираните лица се вработени, односно не се третирани подеднакво како и останатите во општеството. Сум поминал низ неколку држави, во некои приватно, а во дел како дел од проектот на невладини организации, во кои сум учествувална семинари како дел од социјализацијата  на хендикепираните во општеството. За разлика од кај нас во тие држави се дава поголема поддршка на хендикепираните лица. Во последниве неколку години и кај нас има мало поместување на овој план, но недоволно. Се надевам дека подобрувањето на односот на општеството кон хендикепираните кај нас ќе се подобрува во иднина.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи