ВИДЕО – Здружението на глуви и наглуви од Прилеп обвинува за недобивање средства од Националниот сојуз, најавуваат излегување од оваа организација

Здружението на глуви и наглуви од Прилеп денеска обвини дека веќе 6 месеци не добиваат пари од Републичката организација на глуви и наглуви од Скопје. Немале средства за плата за секретарот, ниту нормално да функционираат, за да ги подмират основните трошоци во своите простории. Во истата ситуација се наоѓале уште 7 други здруженија во Македонија, кои биле против непотизмот во Сојузот и според нив нелегалната смена на делегатите.

 

 

„Од декември до сега немаме добиено ниту еден денар од страна на генералниот секретар на Сојузот, каде има непотизам, генералниот секретар е ќерка на претседателот на Сојузот“, вели Димитар Башески, секретар на Здружението на глуви и наглуви од Прилеп.

 

„Тие се државни пари, треба да се вратат тука, да не одиме да бараме спонзорства, да не молиме никого, бидејќи има средства кои се наменети за прилепското здружение“, вели Борис Стојаноски, претседател на Здружението на глуви и наглуви од Прилеп.

 

Од Скопје им велеле дека имаат пари на сметките затоа не добивале. Глувите лица од Прилеп пак велат дека со парите кои им биле на сметката бил платен извршителот и изгубениот судски спор со Центарот за социјална работа каде се наоѓаат нивните простории и сега немале ниту денар.

 

Сојузот постои заради нас, ние да не сме тие нема да постојат. Сега планираме да се повлечиме сите 7 здруженија. Моментално се 18 здруженија, едното го затворија, останаа 17, минус ние, Сојузот нема да функционира“, додаде Башески.

 

Претседателот на Националниот Сојуз на глуви и наглуви, Томица Стојановски, во писмен демант вели дека лани од ноевмри до декември на чело на Сојузот било лицето И.Т. кое во Прилеп префрлило 142.000 денари. Признаваат дека не се исплатени дотации за лични примања за 4 месеци кон здруженијата во Прилеп и Гостивар бидејќи тие биле преплатени и се додека не се порамнеле износите тие немале намера да праќаат пари. Сите други здруженија редовно примале дотации за лични примања и дотации за по барања за материјални трошоци. Обвинија и тоа дека имало голем број петиции на глуви лица од Прилеп кои барале смена на секретарот Башески поради тоа што не го водел здружението како што треба.

 

Башески пак вели дека имал документи каде се потрошени тие 142.000 денари и не отстапува од тоа дека тие ќе излезат од Сојузот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien