Научниците предупредуваат – до крајот на векот енормно зголемување на морското ниво

Научниците изразија уверување дека нивото на морето може да се зголеми многу повеќе отколку што се очекуваше поради брзото топење на мразот на Гренланд и Антарктикот, објави Би-Би-Си.

 

Долго време владеело мислењето дека до 2100 година нивото на светските мориња би можело да се зголемат максимално под еден метар. Сепак, во новото истражување, врз основа на стручни мислења, проекциите се дека нивото на раст би можело да биде повеќе од двојно повисоко од очекуваното. Авторите на истражувањето укажуваат дека ова може да значи раселување на повеќе стотици милиони луѓе.

 

Би-Би-Си потсетува дека прашањето за пораст на нивоата на морињата е едно од најконтроверзните на кои укажувал Меѓудржавниот панел за климатски промени (IPCC), кога бил објавен петти по ред извештај за проценка во 2013 година. Тогаш е наведено дека поради континуирано затоплување на планетата, без значително намалување на штетните гасови, до 2100 година нивото на светското море ќе се зголеми помеѓу 52 и 98 сантиметри.

 

Сепак според мислењето на експертите и новите проценки, ако се продолжи со испуштањето на штетни гасови според моменталните мерења, тогаш светското ниво на морето до 2100 година ќе се зголеми помеѓу 62 и 238 сантиметри. Тоа ќе се случи ако дојде до зголемување на температурата за околу пет степени Целзиусови, што би било најлошо можно сценарио за глобалното топење.

 

Научниците пресметаа дека во тој случај, светот ќе изгуби земја за живот од 1.79 милиони квадратни километри, еднакво на големината на Либија.

 

Поголемиот дел од тоа земјиште ќе се наоѓа на важни области за одгледување на храна, како што е на пример делтата Нил. Во големи делови од Бангладеш ќе биде многу тешко за луѓето да продолжат да живеат.

 

Големи градови вклучувајќи ги Лондон, Њујорк и Шангај, ќе бидат загрозени.

 

„Сириската бегалска криза резултираше со доаѓање на околу милион бегалци во Европа. Но, бројот на мигранти ќе биде околу 200 пати поголем доколку нивото на морињата порасне за два метра”, вели водачот на истражувањето, физичарот Џонатан Бамбер од Универзитетот во Бристол.

 

Авторите на студијата нагласуваат дека сè уште има време да се избегне вакво страшно сценарио, особено ако во наредните децении значително се намалат емисиите на стакленички гасови.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien