Шакировски : Крушево, Пелагонија и околните планини ги имаат едни од најдобрите терени за параглајдинг во светот

Баки Шакировски е пилот од 1994 година, Екс Тим Лидер на Македонската репрезентација во параглајдерство, организатор на меѓународни натпревари во параглајдерство. Годинава во Крушево ќе се одржат многу натпревари во параглајдерство, на едно од нив, „Ozone Krusevo Open“ организатор е токму Баки. Во Август ќе се одржи и Светското првенство во параглајдерство, па токму поради тоа направивме интервју со Шакировски за да се запознаеме од блиску со параглајдерството како спорт и алтернатива за туризам во Крушево.

 

Баки, дали може да ни кажеш нешто повеќе за себе, кога и како започна со параглајдерство?

 

Со параглајдерство започнав многу одамна и многу млад. Прв контакт имав некаде 1994-та, а активно почнав да се занимавам од 1995-та година.

 

Зошто токму овој спорт, што те привлекува кај него?

 

Затоа што уште како дете, имав желба да летам! Не беше важно како, со што, но тоа чувство во мене мораше некако да го реализирам!

 

Тука беше веќе и љубовта кон планината. Планинарам и возам точак од кога паметам за себе. Параглајдингот некако природно се наметна…

 

Колку параглајдингот е развиен во Македонија и каков е интресот за овој спорт?

 

Со оглед на тоа дека сме доста мала земја и дека параглајдингот важи за релативно скап спорт (иако не се согласувам со тоа), можам да кажам дека имаме добар интерес. Имаме солидна бројка на пилоти кои се занимаваат со параглајдерство. Интерес има и за нови пилоти секако…

 

Најголем интерес има за летање со тандем. Тоа е специјален параглајдер на кој што можат да летаат две лица. Едниот е секогаш професионален тандем пилот, а другиот, копилотот, може да биде секое лице кое ќе изрази желба да го искуси слободното летање од некој од планинските врвови во земјава.

 

И многу е важно да се напомене дека нашата земја, иако мала, е редовно домаќин на меѓународни и домашни натпревари. Крушево, Пелагонија и планините околу го даваат еден од најдобрите терени за такмичарско летање во светот!

 

 

Какви перспективи има развојот на парагалјдерството во Македонија?

 

Напоменав погоре дека Северна Македонија нуди извонредни услови за летање во текот на скоро целата година. Летниот период е скоро комплетно резервиран за разно разни такмичења. Од домашните Лига натпревари, Отворени првенства на странски држави, па до Светското првенство во најпрестижната категорија во параглајдерство, кое годинава во август се одржува во Крушево!

 

Сите овие првенства, колку што се важни за самиот развој на спортот, толку се важни и за развојот на туризмот кај нас, а со тоа и за развојот на економијата!

 

Кои се најдобрите терени кај нас за летање на параглајдер?

 

Видете, за мене најдобрите два терена се Шар Планина, со прекрасниот старт Антена на Попова Шапка каде што и летам најчесто, и Крушево со Пелагонија и сите планини кои што се околу!

 

Потоа ке ги набројам Галичица, Водно, Скопска Црна Гора итн…

 

Зошто Крушево е изборот на голем број парагалјдеристи кои тука ги одржуваат своите национални купови и првенства?

 

Крушево (и Пелагонија) нуди еден прекрасен пакет на добри услови за летање, лесно достапен старт за полетување, старт кој што е обвиен со убава шума, градот е на 5 минути од стартот, а истиот нуди разни угостителски услуги! Пелагонија е реално доста испреплетена со разни патишта и селца и два поголеми града, Битола и Прилеп, па каде и да се слета комуникацијата и транспортот е лесно дотапен!

 

Имаме неколку наши тима кои што се веќе врвно искусни во организирање на натпревари во светски рамки!

 

И, можеме да кажеме дека сме реално ефтини во однос на голем број од европските земји! Ова, не значи дека треба сега веднаш да ги дигнеме цените секако! 😉

 

 

Кои првенства се одржуваат оваа година во Крушево?

 

Видете, имаме веке толку многу превенства што не можам да ги запаметам сите!

 

Но, секако најважно е да се спомене дека во август се одржува Светското првенство!

 

Покрај него имаме уште неколку други, како што се Spring Cup, Flymaster Open, Ozone Krusevo Open, Gin Open и други, сите со различни групи на пилоти од различни земји…

 

Дали Крушево располага со сите потребни ресурси и капацитети за да биде домаќин на едно светско првенство?

 

Верувам дека располага. Секако, секогаш има простор да нештата се подобрат.

 

Да напоменеме дека од големите хотелиерски капацитети, покрај хотел Монтана, сега веке имаме уште еден нов прекрасен објект, Панорама Хотел и СПА…

 

Тука се многубројните приватни вили во самото Крушево кои веќе нудат сериозна понуда!

 

Ресторани, кафитерии итн…

 

Меѓутоа, од круцијално значење е подршката од страна на Локалната самоуправа!

 

Соработката помеѓу различните служби на територијата на општина Крушево и другите општини во Пелагинија со самите организатори на натпреварите…

 

Подршката и гостопримството на локалното население со сите пилоти и гости кои што ни доаѓаат од бувално целиот свет!

 

Она што можам да го забележам е дека Локалната самоуправа на чело со градоначалникот Томе Христоски и тимот околу него се доста посветени на севкупниот успех на градот и регионот каде што параглајдерството е можеби еден од најважните сегменти!

 

Кој се може да учествува на тие натпревари?

 

На натпревар може да учествува секој пилот кој што има валидна дозвола за пилот на параглајдер.

 

Дали и ти ќе учествуваш на некои од нив?

 

Се разбира! На некои ке учествувам, а на некои сум и организатор како што е OZONE KRUSEVO OPEN…

 

 

Во кои држави досега си летал параглајдер?

 

Уф! 😊

 

Турција, Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Словенија, Австрија, Германија, Франција и можеби нешто сум заборавил во сите овие години…

 

Доколку ја споредиме Македонија, дали недостасува нешто за поголем развој и популаризација на параглајдерството?

 

Алпските земји, параглајдесртвото веке го сметаат за национален спорт.

 

Швајцарија, Австрија, Германија, Словенија, Франција имаат илјадници пилоти на параглајдер! За пример само, новата банкнота на 50 швајцарски франци е со апликација на параглајдер!

 

Турција, Кина, Колумбија и многу други земји, вложуваат сериозни финансиски проекти да создадат параглајдинг центри каде што ке се одржуваат натпревари и ке се привлекуваат пилоти туристи!

 

Ние, го имаме Крушево! Крушево е на светската мапа на летање поради ентузијазмот, упорноста и љубовта на група македонски пилоти кои што успеаја светот да го донесат тука!

 

Државата, Општините, бизнис секторот можат да направат многу повеќе во развојот на слободното летање! Во развојот на еден прекрасен спорт, во развојот на туризмот, во развојот на алтернативните методи на рекламирање…

 

Медиумите, во отстапување на простор повеќе и со поголем интерес посебно кога се меѓународните натпревари кај нас!

 

Кои се твоите лични очекувања за оваа сезона, каде планираш да учествуваш?

 

Искрено, немам некои посебни очекувања.

 

Едноставно сакам да го користам слободното време да одам на летање, да се дружам со моите блиски пријатели со кои ја делиме истата пасија и љубов кон параглајдерството, планините, небото, природата во целост! А некој посебен лет ке дојде сам по себе, случајно… Нешто што ке ти го исполни секој атом со радост!

 

Еве ако веке морам, тоа би било лет од Попова Шапка до Охрид, или од Водно до Охрид!

 

Има неколку наши пилоти што ја имаат излетано оваа дистанца!

 

Мене ми е се уште некој сон…. 😊

 

 

Еве за крај, дали можеш да ни откриеш некоја интересна случка од твоите летови која вечно ќе ја паметиш?

 

Тешко е да одвојам една случка или еден лет…!

 

Секој лет си е убавина за себе… Дури и секој ден да леташ од исто место, никогаш не е исто! Исто така има и летови каде што молиш Бога да се симнеш! Поради турбуленции итн, но и тоа е дел од летањето…

 

Имам летови од Љуботен до Гостивар, цела Шар Планина…

 

Од Попова Шапка до Љуботен и назад…

 

Имам лет Крушево – Битола – Крушево – Трескавец – Прилеп…

 

Сум бил на Шар планина на скоро 4.000 метри…

 

Сум влегувал во облаци, сум летал со разни птици…

 

Еднаш слетав во двор во едно село… Бабата беше главна во куќата, после некое време сакаше да ме жени за внуката! Хаха!

 

И така…

 

Сакам да напоменам само дека имам слетувано во дворови и куќи на Македонци, Албанци и каде не, и секогаш сум бил пријатно изненаден од гостопримството на нашите сограѓани… Им благодарам на сите!

 

Автор: Елена Крстеска

 

 

 

 

Оваа вест. е поддржана преку проектот „ Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести “, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во веста се единствена одговорност на авторот и на ЛАГ Агро Лидер, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien