Вучиќ: КФОР не ја говори вистината и не е неутрален

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска реагираше на тврдењето на КФОР дека властите на Србија биле предвреме информирани за вчерашната полициската акција во северно Косово. Според него, претставниците на меѓународната заедница во Приштина „не ја говорат вистината“.

 

„КФОР не ја кажува вистината. Ние добивме разузнавачки податоци за тоа околу 15 мај, а јас на 17 мај излегов во јавност со таа информација и со молба да не го прави тоа“, рече Вучиќ.

 

Тој додаде дека КФОР не е неутрален и дека  се занимава со реторика и со трикови.

 

„Го повикувам портпаролот на КФОР нека каже кого известил. Вчера во еден момент командантот на КФОР не сакаше да се јави ниту на началникот на Генералштабот на Војската на Србија, па тогаш ни ние не сакавме да се јавиме. Се слушнаа дури околу 11 и 30 часот кога ги предупредивме на настаните. Кога беше најтешко, немаше контакт“, рече српскиот претседател.

 

Вучиќ ги критикуваше тврдењата на косовската страна дека акцијата е чисто полициска и праша како е можно на територија на која живеат 14 пати повеќе Албанци од Срби, да има двапати повеќе уапсени Срби.

 

„Значи, Србите се 28 пати повеќе криминалци? А другите таму се чесни… А зошто е виновен рускиот администратор? Бидејќи стоеше на барикадите? Па, камо среќа КФОР да стоеше таму“, додаде Вучиќ.

 

Тој оцени дека ситуацијата за Србите во Косово, ден по полициската акција, е многу потешка отколку што беше, поради што ги повика на единство.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien