Додека не засадат минимум 10 дрвја не можат да завршат образование!

Студентите и учениците ќе треба да засадат најмалку 10 дрвја за да можат да завршат основно или средно училиште, или пак факултет, предвидува новиот закон донесен на Филипините.

 

Ако законот правилно се имплементира, над 12 милиони ученици кои завршуваат основно училиште, речиси пет милиони ученици кои завршуваат средно образование и околу 500.000 дипломирани студенти секоја година ќе засадуваат најмалку 175 милиони нови стебла.

 

„Една генерација, во рамките на оваа иницијатива, може да засади до 525 милијарди дрвја“, изјави Гери Алехано, автор на предлогот.

Тој наведува дека дури и со стапка на преживување од само 10 проценти, тоа би значело дека младите ќе имаат 525 милиони дрвја на располагање, во кои ќе можат да уживаат во иднината.

 

Според законот, Министерството за образование и Комисијата за високо образование ќе бидат одговорни тела, во партнерство со Министерството за животна средина и природни ресурси, Министерството за земјоделство, Одделот за аграрни реформи и неколку владини агенции.

 

Агенциите се одговорни за основање расадници, производство на садници и подготовка на местото на садење, како и за следење и евалуација на садење и за техничка поддршка и советодавни услуги. Тие, исто така, мора да обезбедат безбедност, транспорт, заштита од пожар и медицинска поддршка.

 

Филипини е една од земјите чии шуми се речиси целосно уништени со нивно нелегално сечење. Пред 20-от век покриеноста на шумите со дрвја била 70 отсто, а таа бројка во 20-от век се намалила и сега изнесува околу 20 отсто.

 

Сепак ова не е првпат филипинската влада да излезе со ваква идеја. Од 2015 година има мало зголемување на пошумените области на Филипините благодарение на владините иницијативи и мерките за борба со илегалната сеча. Според Организацијата за храна и земјоделство на ОН, само во 2012 година на Филипините биле засадени 221.763 хектари шума.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien