ВИДЕО – Со „Макбет“ на МНТ и концерт на Влатко Стефаноски започна 54-тото издание на „Војдан Чернодрински“

Во големата сала на Домот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше отворено 54-тото издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Во наредните 8 дена Прилеп ќе живее со и за театарот. Во официјалниот натпреварувачки дел ќе има 8 претстави, а ќе има и голем број студентски претстави во придружната програма. Награди за животно дело оваа година добија Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку.

 

 

Наградите се секогаш пријатно изненадување доколку не ги сфатиме како нешто што треба да не промени. Мене ниту една награда во животот не ме променила, па нема ниту оваа. Знам едно дека ќе продолжам да правам претстави без оглед на тоа што добив награда, затоа што тоа е нешто што е посилно од се. Наградата е убава работа, ама таа не значи точка, таа две точки и после следи уште нешто, уште некоја претстава. Театарот е живот и тој не завршува со наградите“, истакна Владимир Милчин, режисер.

 

„Оваа награда која што се доделува вечерва има една посебна тежина затоа што таа доаѓа од колегите. И мислам дека ми е подрага отколку некои награди што сум ги добил од т.н. стручни жири комисии, каде одлучуваат 2-3 луѓе“, додаде Бајруш Мјаку, актер.

 

Според Милчин иако наградите не го промениле него, сепак сеуште ниту еден театар не го променил општеството.

 

„Јас барем не знам за пример каде некој театар успеал да го промени општеството. Тоа е нешто што може да остави некоја трага, да направи некое влијание, меѓутоа театарот не може да го замени сето тоа што е потребно да се направи промена во општеството“, истакна Милчин.

 

Фестивалот го отвори „Макбет“ на МНТ, но невообичаено досега Чернодрински започна со концерт на Влатко Стефаноски.

 

Голем дел од мојата музика или настанала како театарска музика или била користена во разни театарски облиици и разни намени. А вечерва ќе отсвирам премиерно и една нумера која ја направив за една претстава за МНТ. Јас не правам разлика дали музиката ми е нарачана или од некаде ми дошла некоја нумера или тема. Ако песната е добра, таа е добра, без разлика дали е нарачана или таа сама се појавила. Се трудам и за нарачки филмски и театарски да направам нешто добро, а се трудам и на моите албуми кои не се порачани од никого да испорачам по некоја добра нумера“, рече Влатко Стефаноски, музичар.

 

Новитет оваа година е тоа што се воведува награда од публиката. После секоја претстава ќе има тркалезна маса на која може да присуствува која сака и да дава критики и оценки за претставата. На тркалезните маси ќе присуствуваат и актерите.

 

„Воведуваме гласање на публиката, што е за мене интересно и предизвик и мислам дека ќе биде и за публиката интересно да си го даде својот глас и да има право на избор на претстава. После секој разговор на тркалезна маса, ќе бидат во меѓувреме избројани гласовите, заедно со претставници од театарот од каде што доаѓа претставата и ќе може веднаш по завршување на тркалезната маса да се соопшти, по принцип на проценти, колку проценти има добиено таа претстава. Ќе бидеме крајно транспарентни за тоа. На доделувањето на наградите, кое ќе биде на 15-ти, ќе биде доделена и наградата од публиката, статуета која ја изработува Општина Прилеп и ќе ја додели градоначалникот Илија Јованоски“, истакна Катарина Хаџи Василева, уметнички директор на фестивалот.

 

Публиката е презадоволна што конечно освен жирито и таа ќе има право на глас.

 

„Ние во Прилеп имаме критична маса која е во состојба да оцени и мислам дека е многу важно да има награда од публиката. И конечно да видиме дали еднаш ќе се усогласи она стручно жири со мислењето на публиката“, рече една припчанка.

 

„Јас мислам дека Прилеп има одлична театарска публика и дека редно е публиката еднаш да си го кажи својот глас“, додаде друга прилепчанка.

 

Фестивалот ќе трат до 15 јуни, а вечер настапува Биитолскиот театар.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи