Бабиш: Вие го направивте своето, сега ЕУ треба да го одржи дадениот збор

Чешкиот премиер Андреј Бабиш, при денешната посета на земјава и заедничкита прес конференција со премиерот Зоран Заев, изјави дека неговата земја ќе стори сѐ за да помогне Северна Македонија да добие датум за почеток на преговори, нагласувајќи дека нашата земја направила низа компромиси и процеси со кои го одржала своето ветување.

 

„Вие како држава го сторивте своето, одржавте референдум, го сменивте името, го сменивте Уставот, спроведовте реформи, а сега европските политичари кои ви ветија дека откако ќе го сторите тоа ќе бидат отворени преговорите со Европската Унија, мора да го одржат својот збор“ рече Бабиш.

 

„Сега е клучно време за Северна Македонија и се надевам дека за девет дека Европскиот совет навистина ќе го потврди отворањето на преговори на вашата земја со ЕУ. Европските политичари ви ветија дека ако ги исполните условите за тоа ќе добиете датум за преговори. Доколку европските политичари не го одржат својот збор тоа ќе дејствува демотовирачки за вашите граѓани и за целиот регион“, нагласи Бабиш.

 

Бабиш напомена дека ако европските политичари не го исполнат ветувањето тоа може да има реперкусии и врз регионот и отворените прашања во него и додаде дека Северна Македонија не смее да биде жртва на други регионални прашања, нагласувајќи оти земјава го сработила своето и тоа треба да се вреднува од целата Унија.

 

Посочи дека Северна Македонија ја има поддршката и од Вишеградската група, во која освен неговата земја членуваат и Словачка, Полска и Унгарија и најави дека наскоро В4 ќе има средба во Будимпешта на која меѓудругото ќе се разговара и за начините на кои може да се поттикне евроинтегративниот процес на земјава.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.