Целовечерен концерт „Градски приказни“ на КУД „Илинден“ од Битола во Прилеп

Во петок 21 јуни 2019 во 20.30 часот во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ целовечерен концерт насловен „Градски приказни“ ќе одржи КУД „Илинден“ од Битола. Концертот е во рамките на програмата на НУЦК„Марко Цепенков“ за 2019 и традиционалната манифестација Прилепско културно лето, што започнува со овој концерт.

 

Нашите предци не ни оставиле само древни градби, литературни и уметнички дела. Своите чувства, надежи и спомени тие ги преточиле и во прекрасна музика, која надживеала многу генерации, во звуците на македонската чалгија. Таа е уникатна музичка творба родена на овие простори, по примерот на турската чалгија, нo со многу специфики што ја прават автентична, неповторлива и стилски разнолика, со свој препознатлив печат. Во 19-ти, а особеново 20-ти век, кога чалгијата го доживува својот подем, не можела да се замисли ниедна позначајна средба, прослава, веселба, без звукот на чалгијата, без песните отсвирени на старите главно жичени инструменти, кои допирале до срцата на слушателите. Битола како град со огромна традиција и еден од центрите на Балканот во 19 тиот и почетокот на 20 тиот век, а под влијание на конзулите, има одличен спој на традициите ала франка и ала турка.

 

Овој проект прави еден совршен спој помеѓу истокот и западот, едно патешествие кое ќе ги допре и ориентот и медитеранот, преку звуците на врвните инструменталисти дел од чалгискиот оркестар на КУД Илинден Битола, преку изведбата на фолклористите и преку извонредните градски костими кои ги има ова културно уметничко друштво. Дел од репертоарот ќе бидат Буките, Поседница, На визита, Охридски градски игри, битолски градски игри, влашки игри од Крушево. Проектот исто така ќе го одразува мултикултурниот карактер на Битола и нашата држава, преку влијанијата кои ги имаат сите народи и етникоми кои живеат во Република Македонија.

Презентација на највисоко ниво на богатата градска традиција, преку орото, песната, чалгијата, оригиналните и стилизирани костими. Производот ќе биде еден компактен проект, со значајна и висококвалитетна содржина, кој после премиерната изведба без големи дополнителни трошоци може да “живее” и да се презентира низ нашата држава и странство, на бројните фестивали каде КУД Илинден е учесник.

 

Минатата година КУД Илинден беше дел од 54 тиот Европскиот фестивал во Битбург, Германија, детскиот фолклорен фестивал во Бурса, Турција, а во септември ќе биде учесник на 23 тиот Интернационален фолклорен фестивал во Карлови Вари, Чешка. Додека пак оваа година, ќе биде учесник и на Интернационалните фестивали во Искеле, С. Кипар, Бурса, Турција и Будимпешта, Унгарија.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.