ВИДЕО – Државата не одделува доволно пари за фестивалот „Пеце Атанасовски“, без тоа нема негов раст и развој

Со дефиле низ центарот на Прилеп и настапи на учесниците на Камената бина во центарот на Прилеп, на плоштадот „Александрија“ вечерва започнува 45-тото јубилејно издание на фестивалот за народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“. Утре и другиден фестивалот продолжува на Рудина кај Долнени. Годинава на оваа манофестација учествуваат околу 300 учесници. Но иако ова е еден од нашите најголеми брендови чија цел е зачувување на македонскиот мелос, фолклор и традиција, скоро до пред 1 месец не се знаеше дали воопшто фестивалот ќе се одржи бидејќи Министерството за култура немаше одделено средства.

 

 

„Имавме големи проблеми од Министерството за култура, морам тоа да го кажам, бидејќи финансиските средства ни се намалија за разлика од лани, а уште ги немаме добиено и тие кои ни се ветија за оваа година. Поради тоа јас сакам да се заблагодарам до локалните самоуправи на Прилеп и Долнени кои ни излегоа во пресрет и оваа година дадоа и повеќе пари од лани, за да можеме да почнеме прелиминарно со организација на фестивалот. Тука е и печатењето на зборникот“, истакна Златко Лашкоски, секретар на фестивалот.

 

Годинава фестивалот од државата добил само 300.000 денари што е премалку за негов раст и развој. Организаторите велат дека со овие средства фестивалот само може на некој начин да се одржува, но никако и да напредува и развива.

 

„Средства секогаш ќе дојдат за да се одржи фестивалот, но за да расти фестивалот се многу малку средства. Еве пример една група не дошла бидејќи немаме каде да ги сместиме, толку се капацитетите и можностите на локалните самоуправи, од многу страни зависи сето тоа. Кога седнавме и ги сумиравме работите ние како фестивал имавме направено пропусти во апликацијата кон Министерството за култура. И не се срамам да кажам дека и јас сум дел од тие кои сносат одговорност за тоа. Ги додадовме документите и не известија дека ни се одобрени 300.000 денари, кои за жал се уште не се стигнати. Тоа не е во ред бидејќи сега ние буквално народски кажано си пееме и играме на „Жими мајка“. Мора учесниците да остануваат да преспиваат тука. Така се разменуваат искуства, се пееше по цели ноќи и денови, тоа треба да продолжи. За овој фестивал не е во ред учесниците само да дојдат и да си заминат“, рече Весна Атанасоска Вучиќ, ќерка на Пеце Атанасовски и дел од организацијата на фестивалот.

 

Дел од организаторите на фестивалот велат дека ја имале таа чест да поминат дел од професионалниот век заедно со Пеце Атанасовски и дека низ овие години се остварила целта на фестивалот, а тоа е д асе продолжи традицијата бидејќи токму од оваа мнифестација произлегле големи инструменталисти.

 

„Чичко Пеце имаше голема визија и имаше многу голема педагогија во себе. На времето тој го постави темелот и за среќа традицијата продолжува.  Многу генерации ја земаа и прифатија таа љубов која ја имаше чичко Пеце и од тој темел што се постави излегоа многу големи гајдаџии и инструменталисти. После тоа се надгради и институционално и влезе во образованието. Тогаш беше незамисливо да се помисли дека во училиштата ќе се свири гајда и кавал. А сега после 90-тите години тоа влезе и во средните училишта како во „Илија Николоски Луј“ и после кај нас во музичката акдемија во Штип“, кажа Илчо Јованов, професор на музичката академија во Штип.

 

„Пеце Атанасовски не само што беше основач на овој фестивал тој беше и остана столб народното творештво, точно на тие народни изворни инструменти и песни кои за нас Македонците и нашата држава претставуваат наш препознатлив код“, вели Захаринка Милосављевиќ, дел од организацијата на фестивалот.

 

Годинава ќе има гости од Бугарија. Сакале да дојдат и гости од Грција, но им бил откажан престојот бидејќи фестивалот нема доволно средства. Исто така во последен момент своето учество го откажала една група од Русија. Но на фестивалот ќе имало доста групи од Македонија кои за прв пат учествуваат на него.

 

„Годинава имаме учесници кои за прв пат се појавуваат на фестивалот со свои содржини од регионите од каде што  доаѓаат. Имаме многу млади талентирани деца кои со голема љубов пројавија интерес да учествуваат на фестивалот, па со големо задоволство ги прифативме. Успеавме да донесеме една пејачка група која прв ни доаѓа од Овчеполскиот регон каде на некој начин затаила таа традиција. Бидејќи знаеме дека се работи за двогласно пејачки регион, им сугериравме на пејачките да пејат двогласно па ќе видиме што сме направиле“, изјави Родна Величковска, уметнички директор на фестивалот.

 

Оваа година фестивалот ќе биде отворен и со една новина, со која организаторите сакале да покажат дека главна цел е промоција на младите кои се иднината на фестивалот.

 

„Оваа година на отворањето на фестивалот ќе имаме една видео промоција на еден студент, Бојан Петкоски, кој што неодамна дипломираше на факултетот за музичка уметност, оддел за етнокорелогија, кој што вредно работи и ќе промовира материјал за Лазариците од Долни Полог. Промотор на неговиот материјал ќе биде професорката Родна Величкоска“, додаде Стојанче Костов, дел од селекционата комисија на фестивалот.

 

И оваа година организаторите подготвија награди за најдобрите.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien