Општина Прилеп : Градоначалникот изврши избор на организатор на Пиво Фест според законска постапка

По повод денес изнесеното од страна на ОК на ВМРО – ДПМНЕ Прилеп, ја информираме јавноста дека од страна на Советот на Општина Прилеп е донесена Одлука за определување на локациски услови за одржување на манифестацијата Фестивал на пивото 2019 година. Се вели во писмената реакција на Општина Прилеп, која доаѓа по прес конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

Реакцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Претходно со Буџетот се утврдени средства од Програмата за култура во износ од 2.5 милиони денари за организирање на оваа манифестација. Согласно своите законски овластувања, градоначалникот за  прв пат формира комисија која ги утврди критериумите за избор на организатор.

 

По пат на јавен оглас секој заинтересиран правен субјект имаше можност да се пријави на огласот. По претходно спроведена законска и транспарентна постапка Градоначалникот изврши избор на организатор на фестивалот, затоа што во надлежност на Советот на Општина Прилеп не е да донесува одлуки за избор на организатор.

 

Во таа насока, исто така ве известуваме дека средствата од Програмата за култура за организирање на Фестивалот на пивото во висина од 2,5 милиони денари ќе бидат исплатени на македонските изведувачи по пат на авторски договори, согласно заклучоците на Комисијата за избор на организатор на Фестивалот на пивото 2019 година, што е спротивно на вашите тврдења дека истите ќе бидат префрлени на организаторот.

 

На овој Пиво фест за време на четирите фестивалски вечери од вкупно 16 изведувачи, 10 се македонски уметници од кои 5 од Прилеп. Што до сега никогаш не било случај“, велат од Општина Прилеп.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien