Одбележани 70 години од отворањето на Голи Оток

Пред точно 70 години првиот чамец со затвореници пристигна во затворот Голи Оток. Токму по тој повод, на комеморација организирана од здружението за Голи Оток „Анте Земљар“ и центарот за соочување со минатото „Документи“, им беше оддадена почит на жртвите во овој логор.

 

По разединувањето на Југославија и Сталиновиот СССР во 1948 година, југословенската држава, предводена од Јосип Броз Тито, ги затварала оние за кои постоело сомневање дека го поддржуваат советскиот лидер, или пак дека работеле против интересите на Југославија.

 

Низ Голи Оток поминале околу 16.500 политички затвореници, од кои 413 починале во затворот. Дел од нив биле убиени, дел починале поради тешките услови во него, а дел пак  извршиле самоубиство поради истите причини.

 

После 1956 година, тој бил трансформиран во затвор за обични криминалци и тинејџери деликвенти. Затворен е во 1988 година.

 

Се до 1980-тите, Голи Оток претставуваше табу тема во југословенската јавност.

 

Весна Тершелиќ, од Центарот за соочување со минатото „Документи“, рече дека со овој настан се искажува почитување кон илјадниците жртви на психичка и физичка тортура на Голи Оток и во другите логори, кои се користени за превоспитување на вистинските или наводните неистомисленици во комунистичкиот период.

 

„Не сакаме овој остров да исчезне од многубројните прекројувања на историјата или уште полошо, во бетонизацијата и апартменизацијата. Ова место треба да се заштити и достојно да се обележи, пред да почине и последниот негов сведок“, вели Дарко Бавољак, претседател на здружението „Анте Земљар“.

 

И двете организации истакнаа дека оваа локација треба да биде трајно заштитена и претворена во „остров на сеќавањето, образованието и на образовниот туризам соодветен за ова место”.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.