Секое лето македонските студенти масовно одат на печалба во Германија

Студенти од цела Македонија и ова лето како и секоја година ја напуштаат државата привремено, со една единствена цел, заработка на пари, односно остварување на подобро утре. Во Мaкедонија последните неколку години е изразен трендот на заминување на студентите во странство, особено во Германија.

 

Во просек секој втор студент запишан на редовни или на вондредни студии во некој од факултетитe во државата се одлучува своето лето да го помине на работа во некои предели низ Германија, а најчесто во некој од најпознатите ресторани како MC Donalds, Burger King и сл.

 

Една од нив е и Емилија Јовческа, која вели дека студентите во Германија одат за авантура, но и да заработат пари.

 

„Јас како студент кој работи во Германија дојдов по потрега на една т.н авантура, како и можност да заработам пари. Работам заедно со мои колеги од Македонија, каде заедно се снаоѓаме за сместување, работа и обезбедување на подобри услови. Во Германија ќе работам 3 месеци во еден од познатите ресторани за брза храна „Burger King“. Во основа сите студенти кои заминуваме во Германија на сезонска работа работиме по ресторани за брза храна, кујни во ресторани или како чистачи во различни објекти и институции“, вели Јовческа.

 

Според Јовческа, студентите ја работат онаа работа која Германците не ја сакаат.

 

„Во Германија има многу студенти од земјите на Западен Балкан, кои всушност ја работат работата која  што германиците не ја сакаат и не им е доволно платена. Но, за еден студент, една месечна плата е повеќе од доволна за неколку месеци во Македонија. Оваа сезонска работа ќе ми овозможи да дојдам до поголем приход во текот на годината, но и да се запознам со нова околина и германскиот начин на живот“, додава Јовческа.

 

Студентите на најразлични начини се одлучуваат да аплицираат за работа, вклучувајќи агенции, лица кои им посредуваат за работа, како и преку директни контакти на меил со нивните работодавци. За директно комуницирање со своите работодавци во Германија се одлучуваат студенти кои имаат претходно искуство со нивните работодавци и на тој начин самите студенти одбегнуваат да им платат високи суми на агенциите и на оние лица кои им посредуваат за работа, односно т.н. посредници.

 

Дел од студентите кои одат на работа надвор од границите се надеваат дека ситуацијата во државата можеби ќе се подобри и нема да имаат потреба да работат преку лето во странство, а дел се решени по завршувањето на студиите шансата за подобар живот да ја најдат надвор од границите на Македонија.

 

Автор: Сања Димеска

 

 

Оваа вест е поддржана преку проектот „ Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести “, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во веста се единствена одговорност на авторот и на ЛАГ Агро Лидер, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien