Инцидент помеѓу руски и јужнокорејски воени авиони над Јапонски Море

Јужнокорејски борбени авиони денеска испукале истрели за предупредување, откако руски воен авион го повредил воздушниот простор на Јужна Кореја.

 

Како што наведува јужнокорејското Министерство за одбрана, три руски воени авиони првично влегле во јужнокорејската одбранбена идентификациска зиона на источниот брег, по што еден од нив влегол и во воздушниот простор на оваа земја, јавија западните агенции.

 

„Авионот по истрелите го напушти воздушниот простор на Јужна Кореја, но подоцна се врати и повторно го повреди“, рече претставникот на министерството, кој сакаше да остане анонимен, и кој додаде дека јужнокорејските ловци повторно испукале истрели за предупредување.

 

Според него, ова е првпат некој руски авион да го повреди воздушниот простор на оваа земја. Трите руски авиони во јужнокорејскиот воздушен простор влегле заедно со два кинески авиони и додаде дека засега не се знае дали тоа го сториле намерно.

 

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските воени авиони не го нарушиле воздушниот простор на други држави при лет над Јапонското Море. Според нив, авионот ТУ 95МС летал во согласност со договорен план, во согласност со меѓународното право, на оддалеченост од 25 километри од островот Токто.

 

Руското министерство истакна дека ова не е првпат корејски пилоти да се обидуваат да попречат летови на руската авијација над неутрални води на Јапонското Море, и додаде дека јужнокорејските авиони не испукале ниту еден истрел за предупредување.

 

„Немаше никаков истрел за предупредување. Ако руските пилоти почуствуваа закана за својата безбедност, ќе следеше одговор“, истакнаа од руското МО.

 

Според руската војска, пилотите од Јужна Кореја не успеале да контактираат со екипажите на руските Ту-95МС, а откако авионите Ф-16 истрелале топлински замки, тие се оддалечиле од руските авиони.

 

И двете земји си врачија дипломатски протест поради инцидентот. Истото го направи и Јапонија, која пак испрати протестна нота до двете земји.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien