Скопје одбележува 56 години од катастрофалниот земјотрес

Facebook
Twitter
Email
Print

Илјада загинати, над три илјади повредени, плач, паника, трагање по најблиските, рушевини и прашина – тоа е сликата на главниот град од 26-јули, 63-тата… Официјални делегации и претставници на институции денеска положија цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот на градските гробишта во Бутел.

 

„Секоја година 26-ти јули не потсетува на солидарноста на скопјани и на солидарноста на светот од 1963 година кога катастрофалниот земјотрес со својата уривачка моќ однесе многу човечки животи и го претвори Скопје во урнатина. Овој датум е врежан во колективната меморија за Скопје како еден од најтешките моменти во неговата историја и постоење“, информираат од Град Скопје.

 

Катастрофалниот земјотрес се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минити, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствува на простор од околу 50.000 квадратни километри. Од потресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени беа 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

 

 

Од трагедијата на Скопје целиот свет беше возбуден и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.

 

Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

 

На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.

 

Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 – 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.

 

И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.

 

Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред точно 54 години, утрината на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи