ВИДЕО – Европско јуниорско првенство во воздухопловно моделарство во Прилеп

Веќе 20-та година по ред во Прилеп, на спортскиот аеродром кај селото Мало Коњари се одржуваат Европски и Светски натпревари во воздухопловно моделарство. Овие денови се одржува Европското јуниорско првенство во организација на Воздухопловната федерација на Македонија и клубот „Фил Феникс“ од Прилеп. На првенството учествуваат 19 држави со околу 200 натпреварувачи. Одличните термички услови се причина ова место да биде центар за организирање на голем број меѓународни натпревари од овој спорт.

 

 

„Тука денес е и претседателот на поткомитетот на ФАИ кој што го потврди укажувањето на сите кои досега дошле на прилепскиот спортски аеродром. Добрите метео услови, теренот, отсуството на препреки, да не речам контролиран ветар кој се појавува тука, придонесува овој терен да биде посебен, специфичен и ценет од сите кои биле тука. Имаме високи летови, имаме летови во кои и самата дисциплина и категорија на модели на слободен лет укажува на тоа дека моделите откако ќе бидат лансирани тие слободно летаат без далечинска команда, што значи ако имаме силен ветар тогаш ќе има проблеми, што кај нас, на нашиот аеродром го нема“, истакна Здравко Тодороски, организатор на натпреварот.

 

„Тука има доста отворен простор без многу опструкции за летањето. Во Прилеп сум за прв пат, организацијата е одлична, условите за летање исто така, задоволен сум од досегашниот тек на натпреварот. Јас доаѓам од Велика Британија и кога летам модели кај нас условите за летање не се ни одблиску добри како тука“, изјави Јан Каинс, претседател на поткомитетот за воздухопловно моделарство во ФАИ.

 

Целта на овој спорт е овие модели да останат што е можно повеќе во воздух, барем 3 до 4 минути. Учесниците од странство велат дека теренот во Прилеп е одличен за ваков вид на натпревари, а голем дел од нив тука доаѓаат веќе со години.

 

„Ова е прекрасен спорт, како што може да видите има многу луѓе за овој натпревар. Ова е тежок спорт и скап. Моделите се скапи и треба да се тренира постојано, треба многу напорно да се работи. Еден ваков модел се движи од 1.000 до 3.000 евра“, рече Стефан Ракасану, учесник од Романија.

 

„За да се занимаваш со овој спорт треба да имаш многу трпение, треба да знаеш кога да го полеташ моделот и пред се да станеш многу, многу рано за да леташ“, истакна Јакупо Пегонзи, учесник од Италија.

 

„Се занимавам со овој спорт веќе 13 години. Имав само 5 години кога со мојот татко заминавме на аеродромот и од тогаш го засакав овој спорт. Се натпреаврувам во Ф1 категоријата. Ова е одличен спорт за младите“; вели Витек Карслер, учесник од Чешка.

 

Условите за летање на спортскиот аеродром во Прилеп, поволните ветрови, се одлични и тоа е главниот адут за одржувањето на овие првенства.

 

„Веќе 10 години се занимавам со овој спорт. Спортот го сакам бидејќи имам голема љубов кон воздухопловството и љубов кон моделите. Ова ми е 2-ро Европско првенство, претходно сум учествувал и на 2 Светски првенства во јуниори, сум учествувал на Светско сениорско првенство, во Унгарија, минатата година. Посебноста во овој спорт е тоа што има нешто кое мене ме привлекува и што едноставно уште првиот пат кога го видов се заљубив во него“, вели Александар Цветаноски, учесник од Македонија.

 

„Веќе 5 години се занимаван со овој спорт и бев мајстор на спортот во 2017 година. Ова го наследив од дедо ми кој е и мој личен тренер. Многу ми се допаѓа да се занимавам со овој спорт затоа што сме тука собрани од многу држави од светот и се дружиме помеѓу себе“, рече Весна Николаева, учесник од Бугарија.

 

Натпреварот кој започна на 30-ти јули завршува денес кога ќе бидат доделени и наградите за најдобрите.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи