ВИДЕО – И по 18 години не е изграден споменик на Карпалак, не се знае кој е виновен за трагедијата, ниту пак се исполнети барањата на бранителите

И по 18 години од трагичниот настан кај месноста Карпалак кога од страна на терористите беа убиени 10 мина прилепчани нема изградено споменик ниту пак во целост се исполнети барањата на бранителите. Ова денеска попладнево го истакнаа учесниците во овој немил настан кои во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп го започнаа одбележувањето на овој ден, кога на 08.08.2001 година страшната трагедија го погоди Прилеп. Бранителите велат дека се смениле голем број Влади до сега во Македонија, но никоја немала слух за нив.

 

 

„Сеќавањата се свежи како да се од вчера, меѓутоа имавме поставено многу барања, а од тие барања ништо се нема реализирано. Само празни ветувања. Секогаш кога одам на местото на настанот барам таму да се подигне споменик, но далеку е реализацијата на тоа дело“, истакна Ацо Јованоски, возач на запалениот автобус кај Карпалак

 

„Многу права имаме неостварено, од општествениот живот, труд, социјала, образование. Имаме доставено повеќе барања за повеќе сфери од општественото живеење, но многу мал дел се остварени. Се сменија многу Влади, но после 18 години некако е залудно да се зборува за тоа. Нема слух никој досега“, кажа Игор Петрески, претседател на здружение „Карпалак“.

 

Иако поминаа 18 години досега не беше обелоденета вистината за Карпалак, зошто се случи оваа трагедија и дали некој има одговорност во целата сиитуација. Националниот координатор на Владата за бранителите Стојанче Ангелов, кој денеска беше во Прилеп, истакна дека одговорност треба да се бара до тогашното раководство на АРМ.

 

Вината лежи во тогашното раководство на армијата, особено во делот кој бил задолжен за транспортот на војниците. Во состојба на војна да упатите војници на место каде што се војува со автобуси е неодговорно, но и кога условите налагале истите да бидат испратени со автобуси таквата колона морала да има соодветно обезбедување, почнувајќи од чечно и странично обезбедување со хеликоптери нешто што ќе ја спречело заседата или во најмала рака доколку и се случела ќе била многу помала во обем и на тој начин ќе биле избегнати жртвите или нивниот број би бил помал. И еве апелирам до армиското раководство во следниот период да ги отвори овие случаи за да се утврди, јас не би рекол вина во кривично-правен аспект, туку морална вина од оној воен аспект“, изјави националниот координатор на Владата за бранителите Стојанче Ангелов.

 

 

Инаку свежо цвеќе пред споменикот во касарната положија семејствата на загинатите, делегација од Општина Прилеп и делегации на здруженијата на бранители, како и делагции политичките партии. Присутните потоа ја посетија и спомен собата посветена на 10-те прилепски херои која се наоѓа во еден од објектите во касарната.

 

До вас семејствата на загинатите бидете горди синови, ќерки, сопруги, мајки и татковци на овие херои. Горди затоа што во вас течи крв на патриоти, херои и титани кои без размислување и двоумење решија и заминаа да го бранат ова парче таткова земја. Тоа што го направија во еден момент ќе одекнува низ вековите пред нас. Велат храбриот умира еднаш, а кукавицата секој ден. Овој споменик пред вас ќе биде тука и пред могу генерации војници од оваа касарна за да не потсетува на аманетот кој ни го оставија, како со личен пример се брани својата земја“, истакна потполковник Ѓорѓи Василевски, командант на гарнизон Прилеп.

 

Одбележувањето од касарната продолжи кај спомен обележјето во манастирот Света Петка кај село Лениште, а утре ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на бранителите во центарот на Прилеп.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи