Биенална изложба на скулптура “Скулптури на новото време 2019“ во Цепенков

На 09.08.2019 / петок /  со почеток во 20.00 часот во ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена биеналната изложба на скулптура “Скулптури на новото време 2019“.

 

На изложбата учествуваат 22 автори ( Владимир Величковски, Симеон Арнаудов, Јордан Јанев, Предраг Јаневски, Јадранка Урдаревска, Виктор Лазароски, Соња Поповска – Трајковска, Емил Солески, Никола Смилков, Александар Наумоски, Илко Стојановски, Горан Ѓорев, Андреј Митевски, Ангел Коруновски, Влатко Зафирковски – Свире, Перо Кованцалиев, Марјан Стојаноски, Маја Танева, Александар Јанев, Методи Исков, Филип Перески, Давид Атанасоски )  од Македонија и од Прилеп, а ќе бидат претставени 26 скулптури работени во повеќе различни материјали како и во повеќе скулпторски техники.

   

За изложбата

 

„Биеналната изложба на скулптури “Скулптури на новото време 2019“ во своето јубилејно десетто издание ја сублимира севкупната идеја на оваа изложба –  хетерогеноста и богатството на современиот скулпторски израз во којшто сè е дозволено: во поглед на употребата на материјали со коишто се изработуваат скулптурите но и во однос на пристапот кој варира од класичното разбирање на улогата на скулптурата во просторот до концептуалниот приод со употреба на ready-made материјали, па дури и некои обиди за комбинација на технологијата во служба на изработка на кинетичка скулптура. Ако кон ова се додаде и возраста на авторите којашто варира од најстарите до најмладите генерации и соочувањето на повеќе академски скулпторски школи на едно место, добиваме една збирка на дела вредна за почит и внимание, многу ретка на овие македонски изложбени простори. Се надевам дека овие констатации ќе бидат препознаени и од пошироката публика и ликовна стручна јавност, ако не повеќе барем како едно сведоштво за моменталната состојба на македонската скулпторска сцена. Впрочем, тоа е и носечката идеја на овој проект – континуирано следење на новата продукција и нејзино презентирање пред пошироката јавност“, вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи