Ќе се реновираат 34 јавни здравствени установи

Facebook
Twitter
Email
Print

Министерството за здравство почна постапка за реновирање 34 здравствени установи и набавка на опрема за нивните потреби. Пред два дена се објавени тендерите за за градежно-занаетчиски услуги за тековно одржување на здравствените објекти, како и за набавка на 1.300 болнички кревети и 700 телевизори за потребите на овие установи.

 

„Со цел зајакнување на капацитетите на здравствениот систем, Министерството иницира активност за подобрување на условите во здравствените домови и другите објекти од здравството на Република Северна Македонија“, стои во соопштението.

 

За да се подобрат условите во примарните здравствени установи ќе се направи комплетно молерисување на сите внатрешни простори со материјали и бои што се користат за ентериери во болници и други јавни простории и истите овозможуваат соодветно одржување и чистење, поправка и репарирање внатрешни врати и прозорци и замена на ѕидни и подни плочки и замена на галанетрија во тоалети, како и набавка на нови болнички кревети и телевизори во болничките соби.

 

„Со реновирањето на здравствените установи низ целата држава, на медицинскиот персонал ќе им овозможиме подобри услови за работа, но и подобри и подостоинствени услови на пациентите за престој во болница“, наведуваат од Министерството за здравство.

 

Здравствените установи ќе се реновираат во рок од 60 дена по добивањето на одобрение за извршување на градежно – занаетчиските работи, се наведува во тендерот објавен на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Набавката на болничката опрема ќе се врши постепено, и тоа во период од 90 дена по добивањето писмено барање за креветите и во рок од 30 дена за телевизорите.

 

Доколку успешно се спроведат тендерските постапки, реализацијата на проектот за реновирање на здравствените установи ќе може да започне претстојната есен.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи