Во Канатларци поделени првите картички за „Зелена нафта“ за прилепските земјоделци

Во населеното место Канатларци денес беа поделени први картички за „Зелена нафта“ за прилепските земјоделци.

 

„Ова е голем проект,  бидејќи за прв пат во историјата на македонското земјоделство  се доделуваат субвенции од овој тип,„Зелена нафта“ за потребите на змјоделците. Денес сме во Канатларци со цел да ги доделиме ваучерите за „Зелена нафта“, и мислам дека она што ќе го добијат земјоделците, во одреден процент и се однесува на гориво за земјоделската механизација ќе им биде од корис, бидејќи оние дополнителни средства кои ќе им останат од буџетот ќе можат да ги искористат и да ја зголемат својата конкурентност на пазарот“, истакна градоначалникот Илија Јованоски.

 

За  владината мерката за поевтино гориво за механизацијата обезбедени се 200 милиони денари, а треба да бидат поделени 55 000 картички. Со реализација на оваа мерка предвидено е државата да покрие 30 проценти од трошоците за нафта на земјоделците кои одгледуваат градинарски и полјоделски култури, лозови и овошни насади.

 

„Тука сме да ги доделиме првите картички за „Зелена нафта“, што значи дека земјоделците ќе имаат покривање на трошоците од 30 проценти за нафтата што ја користат за обработка на земјоделските површини. Во Прилеп се опфатени околу 2.000 земјоделци за што предвидени се над 5.000.000 денари“ истакна Зоран Пачешкоски, раководител на подрачното одделение на Министерството за  земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Пачешкоски исто така потенцираше дека земјоделците своите картички за „Зелена нафта“  можат да ги подигаат секој работен од 08.00 часот до 16.00 часот од просториите на  подрачното одделение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, соба број 22.  секој работен ден, а сите оние кои сеуште не го подмириле долгот за закуп на државно земјоделско земјиште да постапат согласно договорите за закуп.

 

Со овие картички земјоделците ќе можат да точат исклучиво „евродизел“ за земјоделската механизација.

 

„Ова е за прв пат, во историјата на Македонија  како земјоделци да добиваме поевтина нафта или 30 посто од трошоците за нафта  да ги покрива државата. Како земјоделци се надеваме дека идната година ќе поминеме подобро и ќе имаме подобар род со повисоки приноси“, истакна Музафер Мустафоски, земјоделец.

 

Мимишоски Талип од Канатларци,  регистриран земјоделец кој обработува 17 хектари државно земјоделско земјиште смета дека со реализацијата на оваа владина мерка ќе се намалат трошоците кои ќе овозможат поголема конкурентност на пазарот.

 

Средствата на картичките земјоделците треба да ги искористат до крајот на април 2020 година.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи