ВИДЕО: Заев отфрли било каква вмешаност во „Рекет“ и најави тужба за клевета

Премиерот Зоран Заев денеска уште еднаш отфрли секаква негова вмешаност, како и инволвираност на високи функционери од СДСМ во случајот „Рекет“ и најави тужба за клевета против новинарот кој објави нецелосен записник, во кој се спомнуваат тој и високи државни функционери дека наводно ги предупредувале осомничените во „Рекет“.

 

 

„Прво ја повикувам јавната обвинителка да ја потврди веродостојноста на записникот кој што е направен и чесно е да каже дали е тоа така кажано. Второ секако дека ќе тужиме поради тоа што тоа не е тоно. Неколку пати јас отфрлав секаква поврзаност со Боки 13 врзана со случајот „Рекет“ и до ден денес стојам на тие ставови. Сакам да биде објавено, сакам да каже секој, обврска на обвинителството е да објави јавно дали тоа е така кажано. Јас како што видов и прочитав рано наутро дека има една страна од еден записник објавено и после тоа се прераскажува, што претставува сериозна манипулација. Јас сакам секогаш да ги охрабрам новинарите да истражуваат, секогаш да го доловат она се што е важно за јавноста, но да прават манипулации секако за тоа има одговорност. Јас лично, а верувам заедно со мене е Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Фросина Ременски и сите што сме спомнати таму, ќе ги повикам заедно со мене да поднесат тужба за клевета и таму да ги отвориме документите и на повидок на јавноста да докажеме дека новинарот што го лиферувал ваквиот запис лаже“, рече Заев.

 

На прашањето дали ќе побара политичка одговорност доколку се утврди дека од политичарите има вмешани во случајот „Рекет“ или ќе чека да поднесат политичка одговорност, Заев нагласува дека над одговорноста и правдата не смее да биде никој.

 

„Во ова што беше објавено сум спомнат и јас. Почнувајќи од мене, за било кој политичар и за било кој во државава одговорност мора да има доколку се докаже дека е виновен. Секако дека доколку има било какви индиции за вмешаност веднаш ќе побарам и политичка одговорност, односно оградување од политиките, за да овозможиме процесите да течат независно, како истрагата и да бидат завршени до самиот крај, дали некој е виновен или не. Секако, како што реков тоа ќе биде и можност за одредени преку шпекулации осомничени лица да си го исчистат и својот образ.

 

Јас сум транспарентен, секогаш ги кажувам своите чувства и само ќе ги повторам. Јас лично не верувам дека некој од високите функционери на СДСМ е инволвиран, но секако оставам истрагата тоа да го докаже. Реков уште еднаш, законот важи за сите, без разлика дали е функционер, дали не е финкционер, дали е обичен граѓанин, дали извршува високо општествена функција, висока политичка функција, законот мора да важи еднакво за сите и секој што е инволвиран мора да одговара за таа работа. Ја охрабрувам истрагата, го охрабрувам јавното обвинителство, целокупното правосудство, наша обврска како извршна власт е да создадеме услови за независна истрага, за целосна постапка која што ќе ги даде сите одговори и целата вистина за граѓаните. Уште еднаш кажувам, тоа е убав мегдан, тоа е предизвик да докажеме сите како држава дали знаеме да се справуваме со вакви девијантни и криминални случаи што ни се случуваат во општеството. Вакви случаи се случуваат секаде во светот, прашањето е како тоа државата се справува со нив, преку сите повикани, согласно закон и институции“, додаде Заев.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи