ВИДЕО – Мери Мирческа – македонската супер хероина која истрча 170 км. за 42 часа околу Мон Блан

Прилепчанката Мери Мирческа на 1 септември ја заврши најтешката планинска трка во светот или неофицијалното светско првенство во планинско трчање, „Ultra Trail Du Mon Blan“, односно трката околу планинскиот масив Мон Блан. Таа истрча 171 км. за 42 часа. 171 км. Мирческа ги истрча без поголеми паузи за одмор и без спиење. Трката ја започна на 30 август, а ја заврши на 1 септември.

 

 

Мери пред се големи честитки за твојот подвиг. Сега ти си втората Македонка која ја завршила оваа трка ?

 

Ви благодарам на честитките. Да, јас сум втората Македонка што успеа да ја заврши оваа престижна трка, најпрестижна во светот, за 42 часа и тоа всушност беше едно големо искуство и големо патешествие за мене, бидејќи во 42 часа доживеав многу работи кои што беа и неочекувани и едноставно успеав, фала му на Господ, да се справам со сите вољи и невољи кои ми излегоа на патот.

 

За да биде појасно, 170 километри, 42 часа без паузи, без спиење?

 

Значи времето течи, ако спиеш, ако јадеш, вршиш физиолошка потреба или одредена друга потреба, времето се брои. Гледаш што повеќе да си во движење, а што помалку во одмор.

 

Да се вратиме на почеток на целата оваа фантастична приказна. Како дојде до тоа да Мирческа учествува на овој престижен светски настан?

 

Пред околку 3 ипол години јас почнав со планинско трчање и уште тогаш разбрав дека постои овој престижен светски настан, но не можев ни да посакам во тој момент да учествувам на овој настан. Со текот на времето, добро ми тргна во планинското трчање, успешно завршував повеќе трки на Балканот, на некои трки бев прва, втора, итн. и ми се појави желбата да учествувам и на оваа престижна трка. Јас лани се пријавив на неа, во декември 2018 година, бидејќи многу е тешко да те прифатат на таа трка. Има извлекување и треба да исполниш услови и треба да имаш ИТРА поени ( International Trail Running Association ), те бодува според сите трки претходно што си ги завршил во однос на тежината на трките. Меѓутоа јас бев под дифолт примена на УТМБ, како најдобра македонска треил тркачка, без извлекување, директно.

 

 

 

Колку време вкупно бевте присутни на оваа трка и интересно е што таа се одвива во 3 држави?

 

Во Шамони во Франција ние вкушно бевме околу 2 недели, вклучувајќи го и патот и времето на трката, кое што е околу 2 дена. Една недела бевме да се адаптираме, да се одмориме. Трката вклучува 3 држави, се стартува од Франција, се продолжува во Италија, потоа во Швајцарија и повторно се финишира во Шамони во Франција. Не знам со кои зборови да го опишам овој настан. Едноставно и од менаџерски аспект, од организациски аспект, потоа имавме многу поддржувачи од публиката, во сите земји, во целата должина на патот ние имавме поддржувачи. Населението и гостите кои беа околу 50.000 гости, поддржувачи на настанот, цело време ни ја даваа нивната позитивна енергија, така да и кога ни беше многу тешко, бидејќи нашите имиња и држави беа изложени и на предната и на задната наша страна, постојано непознати луѓе кои навиваа и довикнуваа „Bravo Meri from Macedonia“ и навистина, кога ти е многу тешко и си го слушниш своето име од публиката и како ракоплескаат за тебе ти иди дополнителна позитивна енергија. Прекрасно искуство.

 

Станува збор за 170 километри, што пред се е тука пресудно, физичката или психичката подготвеност?

 

И двете. Навистина има многу луѓе кои можеби се повеќе физички спремни, да речам особено од машката популација, посилни се нормално, мажи, меѓутоа има многу, многу тешки моменти кога сакаш да прекинеш, да се откажиш, едноставно телото колабира, се изморува, навистина се многу километри, скоро 172, меѓутоа не е тежината само во должината на трката, туку тежината е и во денивелацијата, односно искачувањето кое што ти треба да го извршиш во таа должина. Овде беше преку 10.000 метри Д+, односно тоа се преку 10 километри во искачување. Навистина имаше и вертикални километри кои што треба да ги искачиш и слезиш.

 

Тука дополнително телото и плуќата се заморуваат, особено колената, меѓутоа некој внатрешен глас во мене постојано ме тераше да продолжам, да продолжам и кога ми беше најтешко, односно и кога се соочив со бура, поради која што моравме да прекинеме на Лафули. Се случи ужасна бура со грмотевици, со град, со дожд и мораше малку да прекинеме за организаторот да ни даде сигнализација за идните метереолошки информации, дали да продолжиме. Изнакиснавме целосно, 100% накиснати од бурата, но носиме ние некоја опрема како кебе за преживување, тоа е астро фолија во која можеш да се завиткаш за да се стоплиш, телесната температура да ти се регулира. После извесно време ни дадоа сигнал дека ќе се подобрат временските услови, па да продолжиме. Меѓутоа сепак е тоа шок кој го доживува организмот, кој што влијае врз понатамошниот тек на трката.

 

 

 

Освен овој момент, дали имаше и други така потешки моменти кога беше во двоумење дали да продолжиш или да се откажиш од трката, или не постоеше таков момент?

 

Не постоеше друг момент, овој момент многу тешко ми падна бидејќи многу ми достуди и тоа ми одзеде многу енергија, а исто така се уплашив да не случајно речат да се прекини трката, а тоа не сакав да се случи во ниту еден момент. Малку шок ми дојде, меѓутоа сватив дека после тој момент најбитно ми е да ја финиширам трката, што успеав.

 

Во едно твое интервју што претходно го имаме правено имаш кажано дека трка е до кај 100-120 километри, а потоа влегуваш во некаква друга димензија?

 

За мене, околу 120 километри не е проблем да се трчаат, без поголеми паузи од 10, 15, 20 минути, во ред е, може да се издржи. Јас со моите сегашни тренинзи можам да го издржам, меѓутоа после 120 километар некако како во друга димензија да влегуваш. Тука попресудна е психичката страна, веќе почнуваш да халуцинираш, поради тоа што долго време си на терен, долго време си без спиење, почнуваш да си разговараш самиот со себе си, со својот внатрешен глас дали да продолжиш, дали да го намалиш темпото, дали да го успориш темпото, постојано сакаш да легниш и да спиеш, нормално дека ти се спие, физиолошка потреба е, меѓутоа ти се бориш со тоа да не заспиеш, бидејќи ќе ти се одземе дополнително време и финишот ќе ти биде многу спор.

 

Кога го здогледа крајот во Шамони?

 

Се чувствував прекрасно, понесено, опиена бев од позитивната енергија. Долги, долги километри беа редици на луѓе кои не пречекуваа. Едноставно се поздравував со сите, разговарав и додека сите други тркачи убрзаа на финишот за што побрзо да ја завршат трката, неколку минути побрзо, јас успорив на финишот, едноставно бев сигурна дека ќе финиширам и не ми значеше еден час повеќе или помалку, бидејќи не се борев за некој пиедестал или за некое место, едноставно си дозволив луксуз да едноставно уживам во финишот, да ја примам сета таа позитивна енергија од гледачи и да ја гледам таа глетка, која можеби никогаш повеќе во животот нема да ми се повтори, толкава публика, со толкава позитивна енергија да ме пречекува.

 

 

Оваа далечина на трка не е непозната за тебе. Претходно на Пирин Ултра во Бугарија истрча 160 километри ?

 

Да, меѓутоа разликата на терените и организацијата е огромна, бидејќи на УТМБ организацијата е на врвно, исклучително ниво, нема ниту еден пропуст, барем јас не успеав да забележам ниту еден пропуст. Можеби зависи и од спонзорите, државата е појака, подобра организација, меѓутоа теренот беше низ патеки, постојано одевме низ патеки, додека на Пирин Ултра имаше и див терен. Додека на УТМБ бевме 2.600 учесници, од кои 1.500 успеаја да финишираат, значи преку 1.000 не финишираа, на Пирин бевме околу 50-тина и кога ќе се разретчиш на таа километража испаѓа дека трчаш сам. Никогаш не успеав јас, во најголем дел од трката на Пирин, да здогледам тркач пред мене или зад мене, постојано трчав сама.

 

Додека на УТМБ постојано трчавме во група, колона и културата е на толку високо ниво што додека не најдеме пошироко патче за претекнување не се туркаме, не се претекнуваме, не одиме од страна на патеката, а бевме и предупредени дека стрикно, ригорозно треба да се држиме до патеката и навистина тоа го испочитувавме сите. Така понекогаш кога си заглавен во гужва од околу 100, 200, 300 луѓе, малку те успорува таа колона, но едноставно прекрасно е чувството. Ти пак тие зад тебе ги успоруваш и така некако се израмнува.

 

Планинското трчање полека станува популарен спорт во Македонија. Еве кон крајот на овој месец не очекува тука во Прилеп планинската трка Крали Марко Ултра Треилс, најпопуларна и најпозната трка тука во Македонија, долга околу 100 километри најголемата дистанца и други помали дистанци, исто така и Момата Рок Треилс, која се одвива на Селечка планина. Колку планинското трчање е развиено во Македонија?

 

Планинското трчање во Македонија зема неверојатен замав, за само неколку години многу се разви. Развивањето продолжува и понатаму, се повеќе и повеќе луѓе се запознаваат со планинското трчање, бидејќи тоа беше непознат поим кај нас. Јас на пример до пред 4 години немав слушнато и не ни знаев дека постои такво нешто, едноставно не бев информирана. Гледам дека позитивно се одразува врз популацијата во Македонија, и врз помладата и врз постарата, бидејќи во планинското трчање потребно е да бидеш доволно зрел, особено за тие долги дистанци каде треба да остануваш во ноќен период, сам, во непозната планина, во непозната земја, навистина е потребно да бидеш доста зрел. Додека за помладите има пократки дистанци, каде што се бара експлозивност, брзина и пократко траат, 1-2 часа трчање, додека за повозрасните, мислам дека и светските прваци на долги дистанци се повозрасни луѓе.

 

 

Колку државата го помага планинското трчање кај нас?

 

Па и за државата тоа е непознат поим, полека се раздвижува сето тоа во позитивна насока, меѓутоа треба и државата да има поголем слух за планинските тркачи, доколку е во можност да излезе со поголема помош, бидејќи тоа е навистина многу позитивен спорт и мислам дека доколку се практицира во поголема бројка само позитивно може да се одрази и врз населението и врз тркачите, сакам да кажам и врз рекреативците и врз професионалците. Не дека во Македонија има навистина професионалци во планинско трчање, ние сме далеку од професионалци, но даваме се од себе, се трудиме да го постигнеме тој професионализам, но ни недостасува помош и поддршка.

 

Се разбира дека ни недостасува и знаење, на пример ние немаме со кој доктор, психилог, психијатар, физиотерапевт, нутриционист, да се консултираме во врска со трчање на долги патеки ( long distance running ), бидејќи и нив им е тоа непознато, а нас ни се потрени многу совети. Бидејќи и нас ни е непознато, ние едноставно читаме по интернет што и како, меѓутоа колку е професионално тоа што е постирано на интернет, не може да се земи целосно за сигурно.

 

За крај Мери, после УТМБ што те очекува?

 

Одмор. Моментално си дозволив да се одморам, тоа ми го побара и телото и психата. Околу еден месец одмор, а потоа ќе размислам за идните планови. Се разбира дека ќе продолжам со планинското трчање, меѓутоа агендата за идниот период решив да ја направам по еден месец.

 

ИЗВОР СИТЕЛ.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien